Женева 2012 – Што видовме годинава? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Женева 2012 – Што видовме годинава?

Авто-салонот во Женева е еден од најголемите автомобилски настани во годината. Да направиме една ретроспектива на новитетите од овогодинешниот саем!

Со оглед на состојбата на автомобилската индустрија во моментов, навистина беше убаво да се видат компаниите како гордо стојат зад своите новитети и концепти, и како вложуваат во иднината на своите компании. Видовме како некои компании пробуваат нешто ново но со несигурни резултати (здраво Бентли!), видовме како некои пробуваат нешто екстремно и успешно (looking at you, Lamborghini) и видовме како некои успеваат да пронајдат нови нишеа во кои можат да ги понудат своите производи (Guten Tag, Golf GTI Cabriolet).

Но сепак, да подискутираме за нам најинтересните модели од овогодинешниот саем.

На самиот почеток мораме да го спомeнеме Lamborghini Aventador J! Овој концепт (или уникатен модел, како милувате) беше своевиден шок за сите присатни. Само неколку дена откако Ferrari ја претстави F12 Berlinetta и сите изгледи беа дека токму нивниот модел ќе го украде вниманието во Женева, Lamborghini од никаде го извади Aventador J и сите останаа со подзинати усти! 2.1 милиони евра, еден уникатен примерок и многу постери исполепени по собите на младите момчиња е наследството кое ќе го запомниме од Aventador J!

Но кога веќе ги спомнавме Ferrari, да се навратиме на F12 Berlinetta, која самата по себе заслужува внимание. Голем 6.3 литарски, атмосферски V12 мотор кој нуди 730 коњски сили – Дами и Господа, ова е најмоќното Ferrari на сите времиња! Модерните и напредни материјали кои се користени за да се направи F12 уште повеќе го зголемуваат кредибилитетот на ова егзотично возило – F12 е цели 70 килограми полесна од својот претходник, 599 GTB Fiorano. Тоа е како да сте оставиле еден цел сопатник некаде!

Во ред, не сите концепти беа толку успешни. Одзивот на публиката кон SUV моделот на Bentley – моделот EXP 9 F – беше толку негативен што Bentley веќе најави дека работи на редизајн на автомобилот. Да се надеваме дека тоа што ќе го добијат како резултат ќе биде подобро прифатено од 9F.

Еден од поинтересните новитети и експериментирање со ново нише е Golf GTI Cabriolet. Со оглед на тоа дека новиот Golf го очекуваме пред крајот на годината, храбра е одлуката на Volkswagen да понуди уште една верзија од Golf GTI. Сепак, 211 коњски сили, одличниот 2-литарски турбо бензинец и ветер во косата се прилично привлечна комбинација.

Но инвазијата на Volkswagen не престана тука – VW претстави и четири изведби на VW Up!, како и Volkswagen Cross Coupe во дизелска изведба, модел кој всушност наговестува како би можел да изгледа новиот Tiguan, а дебитираше и новиот Toledo концепт на сестринската компанија Seat, како и новата генерација на Audi A3!

Еден од најинтересните и најдобро прифатени новитети на овогодинешниот авто-саем во Женева беше новата A-Klasse на Mercedes-Benz! Моделот кој истана скриен скоро до својата официјална презентација привлече внимание со својот спортски карактер и неочекувана индивидуалност. Нам ни изгледа одлично, и навистина едвај чекаме да го видиме на Македонските улици!

Овогодинешниот авто-салон во Женева се покажа како навистина интересен. Новитети од најголемите и најпознати светски производители ни покажуваат дека покрај економската состојба сите вложуваат многу во нови модели, со надеж дека ќе им помогнат да преживеат. Погледнете ги и другите интересни новитети, концепти и спортски верзии од Женева:



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.