Откако пред неколку дена ви ги прикажавме „протечените“ фотографии, сега ви ги презентираме официјалните фотографии и податоци за новата генерација на Audi A3!
Од протечените фотографии успеавме да дознаеме како ќе изгледа Audi A3, но не повеќе од тоа. Сега ги имаме сите податоци и можеме да потврдиме дека новото Audi A3 веднаш почна да ни се допаѓа!
Првата работа која мораме да ја напоменеме и за која мораме да ги поздравиме инженерите на Audi е користењето на лесни материјали за изработка на A3 – нешто што не го гледаме често во оваа класа на возила. Благодарение на лесните материјали и екстензивното користење алуминиум во изработката на автомобилот, новиот A3 е цели 80 килограми полесен од својот претходник!
Хечбекот кој е 4237 милиметри долг, 1421 милиметар висок и 1777 милиметри широк е со слична висина и должина како претходниот модел, но е 12 милиметри поширок и со одлични 23 милиметри подолго меѓуоскино растојание – сега цели 2601 милиметар! Ова позитивно ќе се одрази на возните својства, но уште поприметливо ќе биде во внатрешноста каде ќе може да понуди навистина повеќе простор.
Моторите кои ќе се нудат веќе се добро познати – основиот ќе биде 1.4 литарскиот TSI мотор со 122 коњски сили и 200 Nm, за кој Аudi најавува дека ќе може да забрза до 100 километри на час за само 9.3 секунди и ќе има максимална брзина од 203 километри на час, а просечна потрошувачка од само 5.2 литри на 100 изминати километри!
Секако, тука се и дизелските верзии – а напомената е 2.0 TDI изведбата со 140 коњски сили, која забрзува до 100 километри на час за 8.6 секунди и има максимална брзина од 216 километри на час, а потрошувачка од само 4.1 литар на 100 километри.
Најпотентната верзија (за сега) ќе биде моделот со 1.8 литарски TFSI мотор кој испорачува 180 коњски сили и 250 Nm. Овој модел ќе забрзува до 100 километри на час за 7.2 секунди и ќе оди до максимални 232 километри на час!
Импресивни статистики, кои со сигурност должат дел од својата импресивност на лесните и напредни материјали – 80 килограми е навистина одлично „слабеење“!