Уште еден концепт кој ќе го видиме во Женева – овој пат тоа е новиот компактен седан/хечбек на Шпанскиот огранок на Volkswagen – Seat Toledo!
Според познавачите, Toledo концептот е навистина блиску до серискиот модел – замислете го со предни светла со халогени сијалици наместо BiXenon и заменете ги големите тркала со „понормални“ тркала со помали димензии, и тоа е тоа!
На прв поглед, концептот изгледа привлечно – линиите се чисти и без непотребни дизајнерски „екскурзии“, a 4480 милиметри долгиот концепт може да се пофали со цели 500 литри багажен простор – одличен за фамилии!
Според директорот на SEAT, James Muir, Toledo е нивната визија за совршениот автомобил од средната класа и нуди одлична комбинација од емоционален дизајн, одлична функционалност и добри возни својства.
Судејќи по досегашните премиери на Seat, сличен на ова ќе биде и новиот Leon, кој ќе биде поставен на новата MQB платформа, на која веќе е поставена новата генерација Audi A3, а ќе ја користат и другите возила на Volkswagen групацијата од оваа класа.