Како што и најавија, Ferrari денес го претставија наследникот на 599 GTB Fiorano – новото Ferrari се вика F12 Berlinetta и доаѓа со моќен V12 мотор и 730 коњски сили!
Секогаш кога зборуваме за некое Ferrari, користиме само суперлативи – и случајот е потполно ист и овој пат. Новата F12 Berlinetta носи 6.3-литарски атмосферски бензински агрегат кој нуди моќни 730 коњски сили и 690 Nm вртежен момент!
Во превод, тоа значи забрзување до 100 километри на час за 3.1 секунда и ќе забрзува до над 340 километри на час! До 200 километри на час забрзува за импресивни 8.5 секунди!
Но новитетите не се само во перформансите – иако F12 Berlinetta има цели 118 коњски сили повеќе од GTB Fiorano, Ferrari најавува дека новиот модел е 30% поекономичен од својот претходник, и дека емисијата на штетни гасови е значително намалена, од 415 на 350 грама CO2 на изминат километар!
F12 Berlinetta е долга 4618 милиметри, широка е 1942 милиметри а висока е 1273 милиметри, и е за неколку милиметри пократка, пониска и потесна од моделот кој го заменува, но благодарејќи на модерните технологии и материјали, тежината на автомобилот е намалена за цели 70 килограми во однос на 599!
Но, да не зборуваме повеќе, уживајте во F12 Berlinetta!