Audi најавува нови технологии! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Audi најавува нови технологии!

За да го задржи имиџот на еден од најиновативните брендови кога станува збор за нови технологии, Audi најави неколку новитети кои треба да им помогнат на возачите во секојдневното возење!

Употребата на OLED (Organic Light Emitting Diode) за осветлување е уникатна и интересна идеја, која им дозволува на инженерите и дизајнерите да направат уникатни и ефикасни светлосни структури, но најдобрата работа е што тие диоди се навистина тенки и лесни, и можат да се комбинираат во различни нешта. Тие се и неверојатно лесни и можат да се користат за различни употреби, а се исто толку ефикасни, ако не и поефикасни од обичните LED диоди.

Интересен новитет е и предиктивната суспензија, која со користење на камера ќе ја „скенира“ подлогата пред автомобилот и соодветно ќе ја прилагоди суспензијата за патот кој доаѓа. Покрај камерите кои ќе снимаат 20 метри пред автомобилот, ќе се користат и PMD уреди (Photo-Mixed Detectors) кои се комбинација од радарски и ласерски систем.

Интересен новитет за електричните автомобили е и wireless полнењето на батериите, кое дозволува полнење на батериите на електричните автомобили без физички контакт – односно без кабел. Оваа технологија се изработува во соработка со WiTricity Corporation од Бостон, и користи два навои кои се користат за пренесување на електричната енергија.

Секако, тука се и новите системи за паркирање, кои ќе им овозможат на возачите на големите лимузини полесно да најдат паркинг место за своите миленици, но иновацијата тука е комуникацијата помеѓу автомобилот и паркинг просторот преку соодветни системи и Wi-Fi мрежа. Овие системи ќе му дозволат на возачот кога ќе дојде на паркинг локацијата да ги тргне рацете од воланот и да му дозволи на возилото само да се паркира – исто како во филмовите!

Кога веќе зборуваме за олеснување на работата на возачот, мораме да ја спомнеме и новата генерација на MMI интерфејсот, кој ќе нуди и multi-touch функционалност, со цел полесно управување со мултимедиските системи кои ги нуди Audi.

На крај, тука се и инвестициите во нови и лесни материјали за изработка на автомобилот. Покрај екстензивното користење на алуминиум и останати лесни материјали за автомобилите, Audi размислува и во други насоки – конкретно во користење FRP (Fibre-Reinforced Plastic) за изработка на делови од суспензијата – поточно пружините кои се дел од суспензијата. Според истражувањата на Audi, новите „пластични“ пружини ќе ги нудат истите перформанси и долготрајност како и обичните, но се за цели 50% полесни!

Иднината ветува многу – да се надеваме дека сите овие технологии ќе ги видиме во реалноста!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.