Сеуште вџашени од изгледот на новиот „бик“ кој ќе биде официјално претставен во Женева, не успеавме ни наслов да смислиме!
Гледајќи го Aventador J, одговорните лица во Lamborghini можат слободно да ја „преземат“ култната изрека на нашиот Владо Илиевски – „Леле луѓе, што направивме!“ :) Навистина, невозможно е да се остане рамнодушен на една ваква појава…
Се работи за отворената изведба на новиот „моќник“ на егзотичниот Италијанец со бикче на челото, односно Lamborghini Aventador J. Наставката „Ј“ потекнува од правилникот на FIA, и преку неа се означува техничката спецификација на тркачките автомобили, во различните натпреварувачки класи.
Aventador J, не само што нема кров, туку му фали и преден ветробран! Тоа значи дека кога Џанкарло ќе се реши да оди кај својот стилист, подобро е да оди со својата Panda, отколку со Aventador J, бидејќи на патот накај дома, фризурата ќе му претрпи радикални промени.
Замислете само, со каква сила ќе ви се залепуваат мушички на заштитната кацига, кога ќе го изнервирате 6.5 литарскиот V12 со 700КС? Овој автомобил, не само што е феноменално моќен, туку е направен од ултра-егзотични материјали, со што е постигната тежина од само 1575 килограми! Па јас толку тежам после Новогодишните празници, како ли им успеало на Италијанциве да го постигнат тоа чудо со еден суперспортски автомобил? И тоа со V12-ка под хаубата? Фантастично достигнување, нели? :)
Дизајнот на Aventador J претставува извонреден спој од уметност и наука. Имено, предницата делува хипнотизирачки, а истовремено е аеродинамички оптимизирана. Средишниот ретровизор е издигнат како перископ помеѓу двата „ветробрани“, поставени пред седиштата. Огромните бандажи (20’’ напред, 21’’ назад) имаат посебно модифицирани краци, кои служат како ладилници за сопирачките. И целиот овој „пакет“ се протега на должина од 4890 mm, широчина од 2030 mm (без ретровизорите) и височина од само 1110 mm или народски кажано „метро и шумска јаготка“. Се’ на се’, лудница!
Се зборува дека Lamborghini ќе направи само еден ваков модел и ќе го покаже на Салонот во Женева, што ќе рече дека шеиците и останатите „парајлии“ ќе се расфрлаат со своите милиончиња, за да го доведат ова ремек-дело во својата гаража.