full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Новиот Peugeot 308 во Франција – Лавот е крал!

На покана на Peugeot отидовме во Кан, за да бидеме меѓу првите во светот кои ќе седнат зад управувачот на целосно-новиот 308!

Peugeot се обидува да наметне нови правила во сите сегменти во кои се натпреварува. Со 208 во супермини-сегментот воведе технологии и решенија кои дотогаш не беа понудени. Со 3008 и 5008 воведе вистинска дизајнерска револуција кај SUV моделите, а со 508 понуди алтернатива на конвенционалните (па и малку здодевни) седани. Сега, во овие турбулентни и трансформативни времиња, токму со новиот 308 ќе се обиде во компактниот сегмент да понуди хај-тек решенија и погонски опции со кои ќе постави нови правила на игра.

Трансформативни времиња? Па да, автомобилскиот свет сè позабрзано се движи кон електрификацијата, а понудата на не еден, туку два плаг-ин хибридни модели покрај конвенционалните мотори го докажува токму тоа. Да, секако – новиот Peugeot 308 ќе биде достапен со конвенционални турбо-бензински и турбодизел мотори, но уште на самиот старт ќе бидат достапни и две плаг-ин хибридни опции, а веќе следната година ќе пристигне и целосно-електричната изведба. Плус, сите овие погонски опции се достапни во две каросериски изведби – па новиот 308 можете да го добиете како конвенционален хечбек, или пак како супер-модерен караван.

Најхрабар дизајн во сегментот!

Како и обично, прво ќе зборуваме за дизајнот. И слободно ќе кажеме дека барем во моментов, тука 308 едноставно нема конкуренција. Предниот дел е остар, со широко-поставени хоризонтални предни светла, од кои кон долниот дел „бодат“ вертикалните дневни LED светла. Маската на ладилникот е широка, а на самата средина гордо стои новиот амблем на Peugeot.

Профилот е низок, а ова дополнително го истакнуваат ниско-поставените рачки на вратите и острата карактерна линија. GT моделите добиваат и дискретни, но забележливи странични прагови. На задниот дел вниманието оди директно кон едноделниот светлосен елемент, како и кон суптилно извајаните комплексни површини.

На долниот дел од задниот браник се поставени светлата за магла и рикверц-светлата. Ако имаме една забелешка за дизајнот, таа ќе биде кон лажните завршетоци на издувниот систем – едноставно, не ни изгледаат убаво.

Но сè на сè – новиот 308 изгледа спектакуларно. Нискиот и широк став му дава доза на динамичност која – со оглед на сè поголемата популарност на разно-разните кросовер и SUV модели – како да ја снемува. Полн погодок!

Поврзано:   Пристигна плаг-ин хибридниот Peugeot 3008 Hybrid!

Најновиот i-Cockpit дебитира токму кај 308.

Ја отвораме вратата и нè пречекува најновата генерација на i-Cockpit кабината на Peugeot. Овој пристап на Peugeot еволуира низ годините и со секој нов модел добиваме нова, сè подобра и сè поинтуитивна конфигурација. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти (кои се достапни во две конфигурации – едната „стандардна“, другата со 3D-ефект), а на централната конзола е поставен голем, 10-инчен екран преку кој се контролираат многу од функционалностите.

Веднаш ќе напоменеме дека се забележува квантен скок нанапред кога станува збор за перформансите на мултимедијалниот уред – екранот е со повисока резолуција, а самиот уред брзо и подготвено реагира на сите команди. Дополнително, под главниот мултимедијален уред поставен е уште еден помал, на кој можете самите да поставите кратенки до функционалностите кои најмногу ги користите.

Да, i-Cockpit и понатаму има помал управувач за инструментите да бидат поставени над него. Ова не е по сечиј „ќеф“ и ниската поставеност на управувачот нема секому да се допадне – но нам ни се допаѓа. Секако, си „бара“ одреден период на навикнување, но по некое време станува секојдневие и навистина практично.

Сите верзии на 308 добиваат комфорни седишта, но особено ќе ги истакнеме седиштата во врвните GT-варијанти. Не само што имаат спортски контури и шевови во неон-зелена боја, туку се и исклучително комфорни и нудат одлична странична поддршка за кога ќе одлучите малку поентузијастички да возите.

Просторната понуда на предните седишта е одлична, а немаме особени забелешки ниту за просторот на задната клупа. Да, некои од конкурентите нудат повеќе простор, но сепак и 308 е во рамките на очекуваното за класата.

Турбо-бензинец, турбо-дизел или плаг-ин хибрид – одберете го она кое вам ви одговара!

Ајде малку и за погоните. За време на запознавањето, имавме можност да пробаме неколку различни опции – прво седнавме зад воланот на 1.2-литарскиот турбо-бензинец кој испорачува 130 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, во комбинација со 6-степен мануелен менувач. Оваа конфигурација овозможува 100 километри на час за 9.6 секунди и максимални 210 километри на час.

Поврзано:   Peugeot советува - Подгответе се за летото со Peugeot бесплатните летни проверки!

Уште на првите стотина метри, забележавме дека Peugeot повторно цели кон врвна возна динамика, без притоа да направи компромис во однос на комфорот. Новиот 308 храбро граби од свиок кон свиок, а моторот подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас. Не забележавме никакво нагласено навалување во свиоци, а не забележавме ниту некаква преголема наклонетост кон подуправување – едноставно, 308 се однесува неутрално и подготвено нуди и поспортско возење.

Од овој автомобил, се префрламе во друг опремен со истиот мотор, но со одличниот EAT8 автоматски менувач. Перформансите се безмалку идентични, но автоматскиот менувач нуди ниво на комфор и опуштеност во возењето кое кај возилата со мануелен менувач едноставно недостасува. Секако, во оние моменти кога ќе сакате да ги земете работите во „свои раце“, на лопатките поставени на задната страна од управувачот можете самите да менувате брзини. Префрлете во Sport и новиот 308 ги „држи“ вртежите високи и подготвено катапултира нанапред.

Од тука, одиме во врвниот 308 Hybrid со 225 коњски сили. Новиот 308 е достапен во 2 хибридни опции – едната со 180, другата со 225 коњски сили. Обете верзии користат плаг-ин хибриден систем со литиум-јонска батерија со капацитет од 12.4 kWh и електромотор кој испорачува 110 коњски сили, но разликата е во конвенционалниот мотор – едната верзија користи 1.6-литарски мотор кој испорачува 150 коњски сили, додека кај другата, помоќната верзија бензинецот испорачува 180 коњски сили. Двете верзии поминуваат до 60-тина километри на електрична енергија.

Ние (секако) ја избравме најмоќната верзија и отидовме во потрага по кривулести патишта. Во урбаните средини, 308 Hybrid вози примарно на струја – без никакви вибрации и без никаква бучавост. Но кога ќе префрлите во Sport режим, тогаш ги „буди“ сите 225 коњски сили и нуди вистинско уживање.

Максималните 360 Nm вртежен момент (кои се комбинација од 250 Nm од бензинецот и 320 Nm од електромоторот) и максималните 225 коњски сили овозможуваат „стотка“ за 7.5 секунди и максимални 235 километри на час – а сето ова е придружено со динамичност која успешно ги сокрива 1700-те килограми на 308 Hybrid. Едноставно, има вистинско уживање во хибридните спортски перформанси.

Поврзано:   Peugeot советува - Подгответе се за летото со Peugeot бесплатните летни проверки!

На самиот крај, седнуваме и во новиот 308 SW. Караванот нуди повеќе багажен простор, без притоа да го наруши дизајнот. Секогаш сме тврделе дека караваните (барем некои од нив) се секси, а со 308 SW, Peugeot навистина нуди секси караван. Караванот одлучивме да го комбинираме со 1.5-литарскиот BlueHDI со 130 коњски сили. Дизелот работи мирно и ги испорачува своите 300 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута.

Секако, еден од најважните елементи кај еден караван е токму багажниот простор, а тука 308 SW е меѓу најдарежливите во сегментот. Ако хечбекот нуди 412 (односно 1323 литри), караванот нуди одлични 608, односно дури 1634 литри со спуштени задни седишта.

Плус, кај сите верзии кои ги возевме, препознавме вистински напредок во изборот на материјали, завршната обработка и звучната изолација. Повеќе од очигледно е дека Peugeot стреми кон врвот во сегментот, а кај премиум пристапот, токму на овие работи се обрнува највеќе внимание. Кога на сето тоа ќе се додадат сите иновативни и интуитивни системи за асистенција во возењето, јасно е дека новиот 308 поставува нови правила на игра.

308 е автомобил кој ќе го купите, бидејќи го посакувате.

И конечно, ајде да донесеме заклучок. Новиот 308 ќе биде автомобил кој ќе го купите бидејќи го сакате. Храбриот дизајн, многуте погонски опции и моќните плаг-ин хибриди нудат навистина многу, а сето тоа е „зајакнато“ со најновиот i-Cockpit и врвните технологии. Ако мораме да одбереме верзија која директно би ја препорачале, нашиот прв избор секако ќе биде еден од хибридните модели – но во вистинскиот свет 1.2-литарскиот турбо-бензинец со 120 коњски сили и автоматски менувач, во врвното GT (или GT Premium) ниво на опрема е the one to go for.

Останува само да дочекаме новиот 308 да стигне и во Македонија (пристигнувањето е најавено за почетокот на следната година) за да видиме како ќе се снајде и кај нас – но сигурни сме дека нема да има ама баш никаков проблем. Peugeot има победник во своите раце!

Фотографии

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.