ОФИЦИЈАЛНО: 5.5 секунди „до стотка“ за новиот Peugeot e-208 GTi! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ОФИЦИЈАЛНО: 5.5 секунди „до стотка“ за новиот Peugeot e-208 GTi!

Откако пред околу една година за прв пат ни го покажа, а пред неколку дена ни го најави – сега Peugeot официјално ни го претстави e-208 GTi кој е уште подобар од очекуваното!

е-208 GTi е дело на PEUGEOT SPORT дивизијата на францускиот бренд. Оваа дивизија е задолжена за спортските модели на францускиот бренд и има импресивна историја на легендарни модели – од незаменливиот 205 GTi, па сè до моќниот плаг-ин хибриден 508 PSE. Сега го добиваме најновиот член на семејството – електричниот e-208 GTi.

И ако мислите дека французите само „фрлиле“ помоќен мотор и тука завршила работата – грешите. Каросеријата на e-208 GTi е цели 25 милиметри поблиску до подлогата, трагата е проширена за 56 милиметри напред и 28 милиметри позади, а 18-инчните тркала се обвиени во спортски пневматици. Дополнително, добива 31-милиметарски заден стабилизатор, механички диференцијал со ограничено пролизгување и специјални амортизери и пружини (со специајлни хидраулични блокатори, технологија која потекнува директно од учеството на Peugeot во WEC).

Секако, не е заборавено ниту на безбедноста. Огромните предни сопирачки се со дијаметар од 355 милиметри и добиваат и помоќни клешти. ESP системот е калибриран да понуди секојдневна безбедност, но истовремено во Sport режим му дава повеќе слобода на возачот.

Како што и очекувавме, задолжен за перформансите е новиот M4+ електромтор кој испорачува 281 коњска сила и 345 Nm вртежен момент. Електромоторот (кој патем, се произведува во Tremery, во Франција) овозможува 100 километри на час за само 5.5 секунди – 0.2 секунди побрзо од првично-најавеното – и максимална брзина која е електронски ограничена на 180 километри на час.

Поврзано:  Започна гласањето за Златно Тркало 2026!

Новиот е-208 GTi ќе го препознаете по поагресивниот став благодарение на ревидираната суспензија, но и црвените детали, дискретниот сплитер, големиот заден спојлер и специјалните GTi тркала. Достапен е во неколку различни бои, а ние најверојатно би го одбрале во црвена или бела боја.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.