Најмоќниот Peugeot во историјата има 816 коњски сили и забрзува до 100 километри на час за 2.5 секунди, односно 300 километри на час за само 16 секунди!
Океј, ајде прво за најважните работи. Да, не ве лажат очите – ќе препознаете многу детали од легендарниот Peugeot 205 T16 во дизајнот на E-T16 концептот. Всушност, концептот е создаден да оддаде почит токму на 205 T16, шампионот во рели во 1985 и 1986.
Но сето тоа го прави на нов, современ, електричен начин. Поставен врз супер-модерна, 800-волтна архитектура, моќниот E-T16 има батерија со капацитет од 85 kWh, а три електромотори испорачуваат вкупно 816 коњски сили кон сите четири трекала.
Достапни се три различни режими на возење, а од Peugeot Sport кажуваат дека резултатите се спектакуларни – всушност, кажуваат E-T16 може да помине три круга на Nurburgring Nordschleife без ограничување на силата или некаква деградација на перформансите. Ова се должи и на напредниот систем за ладење кој овозможува континуирани перформанси, без никакво нарушување.
И да, сето тоа значи дека перформансите се… Како од друга планета. Стандардниот бенчмарк од 100 километри на час станува неважен, бидејќи се достигнува за само 2.5 секунди – бројка која до пред само неколку години беше резервирана за хипер-автомобилите. Она што е уште поимпресивно е дека малиот компактен E-T16 забрзува до 300 километри на час за само 16 секунди.
Интересно е што токму кај E-T16 Concept, Peugeot најавува како ќе изгледа i-Cockpit кај сериските автомобили на брендот, и тоа во многу блиска иднина.
Секако, тука е Hypersquare drive-by-wire управувачот, а кабината е нагласено спортска – но ставете ги „концептните“ детали настрана – ова е директна најава за идните сериски модели на Peugeot.
Всушност, тргнете ги аеро-елементите и хипер-нагласените спортски детали – и дали тука го гледаме и новиот Peugeot 208? Хм…





















