Alfa Romeo ја најавува својата иднина – и тоа не со уште еден SUV, туку со ниско 2+2 купе со четири врати. Дали тука го гледаме наследникот на Giulia Quadrifoglio?
Alfa Romeo во Париз го претстави Cuorerosso (или преведено на „нашки“ – Црвено Срце). И со овој концепт, Alfa Romeo не само што го најавува наследникот на Giulia (и Giulia Quadrifoglio), туку зазема и еден важен став. Онаму каде повеќето други концепти се електрични, Cuorerosso го користи истиот 2.9-литарски твин-турбо V6 од Giulia Quadrifoglio!
Добива и малку електрична асистенција од хибриден систем, а сета сила се пренесува кон сите четири тркала. Колку сила? Па Alfa Romeo не открива, барем сега за сега – но со оглед на повеќето од 500 коњски сили кај Giulia QV, не би биле изненадени ако во оваа конфигурација моќниот турбо-бензинец испорачува повеќе од 600 коњски сили.
Инаку, концептот е долг 4.7 метри, широк 2 метри и висок само 1.3 метри – а тоа се супер-спортски пропорции. И дизајнот ја следи филозофијата наметната од пропорциите – дизајнот е чист, со чисти линии и површини, остар преден дел и препознатлив Alfa Romeo заден дел. Од Alfa Romeo кажуваат дека целта била да се фокусираат на пропорциите и површините, пред да се додадат детали. Профилот е долг и (очекувано) низок, а страничните стакла се обвиваат околу кровот и директно навлегуваат во него.
Кабината на Cuorerosso користи комбинација од дигитални и физички контроли. Повеќето контроли се интегрирани во централната конзола, а „динамичниот телескоп“, односно инструментите пред возачот се менуваат во зависност од режимот на возење и може да има еден или два екрани. Интересно е што нема конвенционален дигитален дисплеј поставен на централната конзола – а ова прави кабината да изгледа чисто и да се нагласи фокусот кон возењето.
А кога сме кај возењето – Cuorerosso добива сопирачки од Brembo, воздушна (да, да!) суспензија и steer-by-wire систем. Сепак, од Alfa Romeo додаваат дека Cuorerosso има „силна аналогна компонента“. Што значи тоа? Па.. Ќе видиме.























