Opel Sports Tourer eXperimental е најавата на Opel за иднината на караваните… И иднината изгледа одлично!
Од Opel кажуваат дека STX Concept е храбра визија за електричните каравани на иднината. Концептот ги покажува идните дизајнерски амбиции на Opel, и ги комбинира со германски инженеринг и интелигентни технологии. Дополнително, додаваат дека е модерен израз на инженерската експертиза на Opel – брендот кој воглавно ги „воведе“ караваните во Европа во 50-тите и 60-тите години од минатиот век. Од Olympia Rekord Caravan и Kadett Caravan, па сè до многуте други модели на брендот од Риселсхајм.
Првиот впечаток го има најновата интерпретација на Opel Vizor. Препознатливиот лик на Opel сега е уште похрабар, и за разлика од многуте други електрични возила на пазарот, Vizor деталот кај STX Concept е повисок, поисправен и позабележлив. Светлосниот потпис е целосно-нов и најавува во која насока ќе се движи Opel во иднина. Острите, прекршени линии се динамични и самоуверени, а силуетата е моќна и најавува врвни перформанси.
Задниот дел е безмалку вертикален и овозможува многу простор во багажникот. Задните светла се тенки (како и на предниот дел), а ознаката OPEL е гордо поставена во средината. Но вистината е дека целиот концепт е забележлив и футуристички. Прецизните површини во комбинација со острите линии изгледаат одлично, а комбинирањето на светлината во дизајнот му дава на STX Concept навистина несекојдневна форма.
Од Opel кажуваат дека STX Concept e поставен врз „иновативна електрична архитектура“. Ако се прашуваме ние, тоа најверојатно значи дека е поставен на STLA One платформата на Stellantis. Немаме многу други информации, но знаеме дека има погон на сите четири тркала и максимална брзина до 200 километри на час.












