500 коњски сили, досег до 600 километри и спектакуларен, сензуален дизајн – Peugeot го враќа името RCZ!
Од Peugeot гордо кажуваат дека RCZ Vision е бренд-манифест кој ги става уживањето во возењето, возбудата и француската елеганција во срцето на невогата стратегија за иновации.
И би рекле – има зошто. RCZ Vision очигледно влече инспирација од Peugeot RCZ coupé кој се појави во 2009-тата година, но сето тоа го интерпретира на нов, екстровертен, самоуверен начин. Со концептот, Peugeot го турка Feline Future дизајнерскиот јазик до неговиот максимум, но истовремено најавува визија која е полна со елеганција, едноставност и емоции.
Дизајнот на RCZ Vision е директна најава за иднината на Peugeot, бидејќи ги интерпретира препознатливите дизајнерски елементи на францускиот бренд во форма која ќе ја видиме кај моделите кои ќе пристигнат во следните години – од светлосниот потпис, преку препознатливите детали, па сè до ставот кој истакнува динамичност и самодоверба.
Директорот за дизајн на Peugeot, Matthias Hossann кажува дека дизајнот на RCZ Vision е изграден врз пет принципи – слободода, храброст, елеганција, инстинкт и внатрешна сила, а RCZ Vision е одличен пример за тоа во која насока се движи Peugeot.
Концептот е поставен на електрична платформа која испорачува до 500 коњски сили, а истовремено нуди автономија до 600 километри. Интересно е дека е поставен на STLA One платформата на Stellantis, што пак ветува дека на некој начин, дури и концептот е блиску до сериско производство.
Концептот ги користи X-by-Wire системите на Peugeot, како што се Steer-by-Wire и Brake-by-Wire – а тоа овозможува намалување на комплексноста и забрзување на развојот. Модуларноста на архитектурата овозможува и рециклирање и повторно користење на компонентите на крајот на нивната корисност. И секако, тука е и Hypersquare управувачот, кој наскоро ќе пристигне и кај сериските модели.
Плус (и ова е многу важно!), RCZ Vision користи цврста батерија развиена во соработка со Factorial Energy. Оваа батерија има огромна густина на енергија, што пак овозможува повеќе струја да се складира во помала батерија – а со тоа се подобруваат ефикасноста и досегот. Батеријата е изградена врз 1000-волтна архитектура која овозможува супер-брзо полнење – од 10 до 80% за само 10 минути! A сето тоа овозможува автономија до 600 километри, односно потрошувачка на електрична енергија од 11.5 kWh на 100 километри.






















