Citroën кажува дека оригиналниот 2 CV е инспирација, но дека новиот 2 CV е директен спој меѓу наследството на брендот и иновациите кои французите ги имаат во својата срж. И треба да чини од 15.000 Евра!
Новиот 2 CV треба да биде практичен и посакуван, и да го носи оној француски „joie de vivre“ кој ќе направи секојдневните патувања повторно да бидат возбудливи. И да, стариот, легендарен 2 CV е извор на инспирација и колку и да не бил замислен да биде икона, сепак стана иконски поради она кое го овозможи – можност за работа, можност за патување и уживање во животот.
Новиот 2 CV е изработен во согласност со овите европски E-Car правила. Во хиерархијата на Citroën ќе биде поставен меѓу малиот Ami и новиот C3. Според Citroën, замислен и развиен е да овозможи слобода на движење, без притоа да направи било каков компромис во однос на карактерот на малиот автомобил. Интересно е што е долг само 3.76 метри, односно е пократок од оригиналниот „Спачек“, но тоа е со конкретна цел – да се истакне уживањето и агилноста на малите автомобили, а возењето и паркирањето да бидат полесни.
И резултат на овој пристап е концепт за мал, електричен хечбек со четири врати кој храбро влече од историјата на Citroën и гордо влече инспирација од неа. И тука се деталите – од специфичниот преден поклопец, преку тркалезните предни светла и чистите површини, па сè до платнениот кров кој се собира. Но концептот гледа и кон сегашноста и иднината – поставен е на големи, 19-инчни тркала, а дизајнот е воден од аеродинамиката и ефикасноста.
Слично е и во ентериерот. Седиштата (кои се во форма на клупа) лесно се вадат за можете да ги искористите на излет, а корпа вградена во подот овозможува лесно складирање. Ви текнува дека оригиналниот 2 CV е замислен да може да пренесе табла јајца преку нерамен терен? Епа во вратите на новиот има специјални оддели за складирање јајца. Како во вашиот фрижидер! :D Океј, тоа најверојатно нема да оди во сериско производство (но ако оди, би било многу, многу, многу кул!), но е интересно да се види како сè дизајнерите на Citroën оддаваат почит на оригиналниот 2 CV.
Сега за сега нема никакви информации околу батериите и погонот, но со оглед на најавената цена, не очекуваме батеријата да биде преголема. Сепак очекуваме дека 2 CV ќе може да помине околу 150-200 километри со едно полнење на батериите – а тоа е повеќе од доволно за мал автомобил кој е замислен и дизајниран одлично да се снаоѓа во градот.
Од Citroen кажуваат дека е инспириран од оригиналнот, но ослободен од носталгија и нуди нов пристап кон електричната мобилност – ја прави забавна, достапна и похумана. Не е „финтата“ да се ископира минатото, туку одново да се открие идејата која го направи оригиналниот 2 CV толку успешен. Сериската верзија на новиот 2 CV ќе дебитира на саемот на автомобили во Париз во 2028, на истото место каде 80 години претходно дебитираше оригиналниот.
























