Stellantis ја лансира новата гама на Smart Compact Van комерцијални возила – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Stellantis ја лансира новата гама на Smart Compact Van комерцијални возила

Новиот Smart Compact Van е проширување на Compact Van гамата на Stellantis, развиен за вистинска корисност во вистинскиот свет и со силен фокус кон функционалност и вредност.

Овој сегмент е особено важен за Stellantis. Статистиките кои пристигнаа од глобалниот гигант покажуваат дека Stellantis е неоспорен лидер во сегментот со пазарен удел од неверојатни 48.2%. Да, тоа значи дека безмалку половина од сите компактни комерцијални возила продадени во Европа потекнуваат од еден од брендовите на концернот.

И сега, Stellantis лансира нова гама на модели кои ги нарекуваат Smart Compact Van. Citroën Berlingo Van FIRST, Fiat Professional Doblò EasyPRO, Opel Combo START, PEUGEOT Partner ACTIVE – ова се имињата дадени на Smart Compact Van изведбите на овие комерцијални возила – возила, кои според Stellantis се целосно прилагодени кон потребите на професионалните возачи.

Екстериерот на овие модели е редизајниран и добива голем, препознатлив преден браник кој е дизајниран да ја зголеми безбедноста и заштитата на возилото. Во кабината, панелите и арматурната табла се целосно редизајнирани со цел да се максимизира просторот достапен во внатрешноста, но и да се подобри ергономијата на контролите.

Од Stellantis додаваат дека дури 40% од купувачите не биле заинтересирани за конфигурација со три седишта и дека професионалните возачи се сами во возилото 90% од времето. И токму ова е водечката сила позади одлуката да се воведе Flexiseat. Flexiseat е всушност модуларно совозачко седиште кое може да се преклопи за да се добие поголем товарен простор. Може да се комбинира со Modutable за да се добие површина која совршено одговара на мобилна канцеларија или простор за јадење.

Поврзано:  Citroën 2CV се враќа!

Понатаму, достапни се уште неколку новитети. Moduconsole е отстранлива централна конзола која може да се префрли во товарниот простор, но истовремено е прилагодлива кон различни потреби. Dashbox е конзола врз арматурната табла со два оддели за складирање и држач за чаша. Drivedrawer е фиока под возачкото седиште која овозможува дискретно складирање на повредни предмети, а Moduwork е конфигурација со централно трето седиште кое може да се трансформира во работна површина.

Надворешните димензии на овие возила остануваат исти, а достапни се две должини. Во зависност од конфигурацијата, максималниот товар е од 750 килограми до 1 тон, а товарниот простор е со капацитет меѓу 3.3 и 4.4 кубни метри.

Кај новите Smart Compact Van комерцијални возила, Stellantis ќе нуди широка гама на погонски опции. Понудата започнува со целосно-електрична верзија која може да помине до 270 километри со полни батерии. Понатаму, достапни ќе бидат два турбодизел мотори, како и еден бензинец, сите во комбинација со мануелен менувач. Од следната година ќе биде воведен и лајт-хибриден погон. Од Stellantis ветуваат дека благодарение на силниот фокус кон суштинска фукционалност, ценовна ефикасност и економијата на обем, цените на новите комерцијални возила ќе бидат пониски во однос на остатокот на понудата. Од ProOne гордо кажуваат дека не се направени никакви компромиси во однос на робустноста и безбедноста.

И на самиот крај, она што е интересно е дека од Stellantis ветуваат дека секое од возилата има свој карактер и своја намена. Citroën Berlingo Van First е комфорен и пристапен ван, фокусиран кон лесно користење и практичност, со професионален комфор во неговата срж. Fiat Professional Doblo EasyPRO е рационално, фокусирано работно возило развиено да понуди максимална вредност на професионалните купувачи на наједноставниот можен начин. Opel Combo Start нуди практични и сигурни решенија и е вреден и доверлив партнер изграден врз робустност. Peugeot Partner Active е агилна и професионална алатка, која комбинира суштинска ефикасност со препознатлив дизајн.

Поврзано:  Први детали за Fiat Grizzly и Grizzly Fastback!

На прашање кое го поставивме на презентацијата, од Stellantis ни одговорија дека сега за сега нема конкретни планови да се воведат овие функционалности и кај патничките комбиња, но и дека ProOne дивизијата ги слуша купувачите и дека во иднина би можеле да бидат воведени покрај постоечките практични решенија кај патничките верзии.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.