ВОЗЕВМЕ: Leapmotor B05 – Во Франкфурт го возевме електричниот хечбек на кинескиот бренд на Stellantis! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Leapmotor B05 – Во Франкфурт го возевме електричниот хечбек на кинескиот бренд на Stellantis!

Leapmotor е ново име на нашиот пазар, но кинескиот бренд веќе две години е дел од портфолиото на Stellantis. И изненадувачки, моделот со кој го имаме првиот контакт со брендот е електричен хечбек, а не SUV!

Глобалниот гигант Stellantis има огромно портфолио на брендови, но брендот кој привлекува сè поголемо внимание е токму новиот бренд кој всушност потекнува од Кина. Па ајде да зборуваме за Leapmotor.

Каков мотор?

Leapmotor е релативно нов кинески производител на автомобили. Компанијата е основана во 2015, првиот автомобил го лансираше во 2017, а во Европа постои нешто повеќе од две години. Во Октомври 2023 и официјално беше лансирана компанијата Leapmotor International која е заеднички основана од Leapmotor и Stellantis (со 51% удел на Stellantis) преку која глобалниот гигант ги подготвува и ги продава моделите на Leapmotor ширум светот.

Секако, првиот пазар на кој атакуваше е токму Европа и од средината на 2024 Leapmotor веќе почна да се продава преку постоечките дилери на Stellantis низ европските земји. Од годинава, Leapmotor ја презема фабриката на Stellantis во Зарагоза каде ќе го произведува електричниот B10 SUV. Од 2028 ќе започне да произведува и во фабриката на Stellantis близу Мадрид, каде во моментов се произведува Citroen C4.

И од неодамна Leapmotor пристигна и кај нас, како дел од портфолиото на Автонова – а ние имавме ексклузивна можност први да седнеме зад управувачот на новиот B05 на неговата интернационална презентација близу Франкфурт, Германија.

Хечбек со ниска, динамична и самоуверена силуета

Првиот контакт со B05 е вистински позитивен. Зошто? Па прво – не е Уште Еден SUV, туку компактен, динамичен хечбек. Како да заборавивме што значи хечбек, а ова е најверојатно и првиот ваков автомобил кој сме го возеле, кој пристигнал од далечниот исток.

Ниската, скоро купеовска силуета му дава на B05 самоуверен, насочен став. На предниот дел вниманието оди највеќе кон широките предни светла кои се споени во еден визуелен елемент, но и длабокиот браник со големи отвори за воздух и активни аеро-елементи. Интересно е што од Lepamotor гордо кажуваат дека сето ова е наменски и дека сите дизајн-елементи директно влијаат на аеродинамиката, односно на ефикасноста – а сето тоа резултира со коефициент на отпор на возудхот од 0.26 Cd.

Поврзано:  Opel развива нов SUV во соработка со Leapmotor

Профилот е изненадувачки низок, а големите 19-инчни тркала одлично ги пополнуваат крилата. Тркалата се обвиени во Hankook спортски пневматици, а тоа пак јасно и гласно ги кажува намерите на B05. Профилната линија е чиста, а има и интересни детали – рачките на вратите се вовлечени, страничните ретровизори се во црна боја, а дискретниот заден спојлер ја заокружува динамичната силуета.

Задниот дел е конвенционален, но истовремено има неколку интересни, современи детали. Навистина многу ни се допаѓа широкиот едноделен светлосен елемент кој на B05 му дава уникатен светлосен потпис – и покрај многуте вакви дизајнерски решенија кај други модели. Повторно, до израз доаѓа задниот спојлер, а големиот црн дел во долниот дел од браникот би требало да изгледа како дифузер. Детал на B05 кој особено ни се допаѓа? Па вратите без рамки, секако!

Сè на сè – навистина ни се допаѓа B05. Во време на разно-разни (и се побројни) SUV модели, еден ваков хечбек е вистинско освежување. Плус, достапен е во неколку различни бои, а Lightning Yellow жолта боја на нашиот автомобил му дава особено самоуверена енергија. Секако, достапни се и подискретени бои, ако веќе сакате нешто такво.

Минималистички, но комфорен и просторен ентериер со многу, многу опрема

Ако треба да избереме еден збор да го опишеме ентериерот, тој збор најверојатно би бил Минимализам. Во кабината едноставно нема (или скоро и да нема) физички копчиња и прекинувачи. Пред возачот е поставен 8.8-инчен дисплеј за најважните информации околу возењето, додека повеќето други функционалности се контролираат преку големиот, 14.6-инчен централно поставен екран – од клима-уредот, преку панорамскиот кров, па сè до греењето и ладењето на седишатата. Сепак, системот е базиран на брза Snapdragon 8155 процесор, па подготвено и брзо реагира на сите команди. Особено нè импресионираше навигацијата која брзо и лесно се снајде во сите услови. За оние кои сакаат, тука е безжичното Android Auto и Apple CarPlay поврзување.

А да, мора да споменеме дека B05 е навистина многу опремен – сите верзии добиваат греење и ладење на предните седишта, греење на управувачот и безжичен полнач за мобилен телефон (со ладење). Некои верзии добиваат и огромен панорамски стаклен кров. Истовремено, седиштата се изненадувачки комфорни а седењето е прилично ниско – какво што и треба да биде – а возачката позиција е прегледна и лесно се доаѓа до сите команди.

Поврзано:  Leapmotor ја проширува европската понуда со B05

Финалниот фит и финиш е импресивен. Нема друг начин да се каже тоа. Плус, повеќето површини и материјали кои ќе ги допрете секојдневно се покриени со мек материјал или имитација на кожа.

На задната клупа е комфорно и за повисоки патници, но ќе забележиме дека поради батериите во подот, нивото на подот е малку подигнато во однос на конвенционалните автомобили. Преку огромната, петта врата се пристапува до багажен простор со капацитет од 345 литри, односно во рамките на она кое се очекува во класата. Преклопете ги задните седишта и ќе имате на располагање прилично добри 1400 литри.

Супер-модерна платформа и погон на задните тркала

Пред да зборуваме за искуството зад управувачот, ајде малку за платформата. На задната оска е поставен електромотор кој испорачува 218 коњски сили и 240 Nm вртежен момент. И тоа „од нула“, секако. B05 ќе се нуди со две различни батерии – едната со капацитет од 56.2 kWh, другата со капацитет од 67.1 kWh. Во зависност од батеријата, очекувајте автономија од 400 до 480 километри (според WLTP). B05 се полни со максимални 11 kW на AC полнач, односно со 168 kW на брз полнач.

Преведено во време, тоа значи полнење од 30 до 80% за околу 15-тина минути. Од Leapmotor кажуваат дека B05 троши во просек 15.9 kWh на 100 километри, но ние успеавме да забележиме и пониска потрошувачка од тоа – некаде околу 13 kWh на 100 километри.

Тјуниран во Balocco

Па добро, бидејќи B05 е хечбек, како е зад управувачот? Прво, пред да зборуваме за тоа, мораме да позборуваме за вниманието кое B05 го доби од инженерите на Stellantis пред неговото пристигнување во Европа. Експертите на Stellantis (и тоа ни помалку, ни повеќе, експерите од Balocco) посветиле внимание на суспензијата, калибрацијата на управувањето и калибрацијата на системите за асистенција – и резултат на сето тоа е автомобил кој е директно прилагоден кон желбите и очекувањата на европските купувачи. Плус, B05 добива мулти-линк задна оска која придонесува кон неговите таленти.

Поврзано:  Leapmotor од денес и официјално стартува во Македонија!

И да, B05 е талентиран. Океј, не е супер-спортски хечбек, но управувањето е директно, прецизно и предвидливо. Погонот на задните тркала го нагласува своето присуство со оноа добро чувство на „туркан-наместо-влечен“, но одлично-нагодената шасија и внимателно калибрираните системи за безбедност не дозволуваат никаква нестабилност.

И како резултат на сето тоа, B05 е „на свое“ кога ќе го насочите кон флуидни свиоци и ќе уживате во динамичното управување. Префрлете во Sport режим (и дури има и Launch Control) и сите команди стануваат осетно подиректни, а автомобилот многу поподготвено реагира на секое притискање на десната педала.

Дали нешто ни пречеше? Да, она што ни смета кај повеќето нови автомобили – навистина инвазивните системи за безбедност и асистенција, кои за жал ги наметнува ЕУ легислативата. За среќа, инженерите на Leapmotor направиле возачот да може да си прилагоди профил за користење на автомобилот на кој самиот може да избере кои системи сака да се активни, а кои не. ;)

И какви се нашите први впечатоци?

Имајќи го сето ова на ум, какви се нашите први впечатоци од B05? Всушност, какви се нашите први впечатоци од Leapmotor? Брендот е навистина интересен – во својата гама веќе има четири модели, а за до крајот на годинава најавуваат уште неколку новитети. Плус, храбро најавуваат дека во Европа наааааааајверојатно ќе пристигне и B05 Ultra – спортска изведба на B05 со уште повеќе моќ, подинамичен бодикит и уште подобро управување. А сето тоа директно кажува дека Leapmotor настанува храбро, самоуверено и подготвено.

И би рекле дека B05 (кој патем, наскоро треба да пристигне во Македонија) е совршен пример за таа храброст. Во време кога повеќето други производители „играат на сигурно“ со понуда која скоро-целосно е базирана на SUV модели, B05 е вистинско освежување. Leapmotor не е тука да си игра. Leapmotor сака да седи на маса со возрасните.

Повеќе информации: Leapmotor Македонија

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.