Според информации од Италија а пренесени од Ројтерс, италијанскиот бренд во моментов е во преговори со два потенцијални партнери и дека наскоро ќе биде одлучено што точно ќе се случува со Maserati во иднина.
Главниот извршен директор на Stellantis – Antonio Filosa – неодамна кажа дека „Maserati има специјална улога во рамките на Stellantis, и тоа во форма на луксузен бренд со специјални купувачи и уникатно наследство.“ Во моментов, Maserati нуди четири модели – Grecale, Granturismo, Mcpura и тркачки-ориентираниот GT2 Stradale, а на неодамнешниот ден за инвеститори на Stellantis беа најавени уште два модели од Е-сегментот – седан (или гранд турер) и SUV кој ќе биде наследник на Levante. Filosa додаде дека „Maserati заслужува посебен разговор“ кој ќе се оддржи во Декември.
Но деновиве се зборува за потенцијална соработка меѓу Maserati и еден од два кандидати. Во излагање пред италијанскиот парламент за кое пишува Ројтерс, Antonio Filosa изјави дека во моментов се разговара со два потенцијални партнери за Maserati и дека брендот наскоро ќе одлучи кој од потенцијалните партнери да го одбере. Дополнително, Ројтерс го цитира Filosa кој изјавил дека партнерите „можат да ни донесат технологии, развој и одлични идеи“. Според него, Maserati не е на продажба, но соработката ќе го зајакне производството во фабриките во Cassino и Modena.
Инаку, веќе подолго време се шпекулира за можна соработка меѓу Maserati и партнери од далечниот исток. Пред нешто повеќе од две години се појавија (не толку суптилни) гласини дека Maserati е во преговори со Chery, па во еден момент дури се појавија и „чаршиски муабети“ дека Stellantis размислува да го продаде Maserati на некој кинески партнер. Тоа очигледно не се случи, но Maserati и понатаму е во потрага по соодветен стратешки партнер.
Од неколку кинески извори пристигнуваат информации дека Maserati е во преговори со Huawei и JAC и дури во еден момент имаше гласини и за конкретни продукти – на пример, луксузен автомобил кој глобално би се продавал како Maserati, а на локалниот пазар во Кина би се продавал под брендот Maextro, кој е дел од портфолиото на JAC.
Сега за сега можеме само да шпекулираме што точно носи иднината за Maserati, но… Интересни времиња се пред нас!







