ТЕСТ: Maserati Grecale 2.0 300 GT – Нова, самоуверена насока за Maserati! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Maserati Grecale 2.0 300 GT – Нова, самоуверена насока за Maserati!

Луксузниот италијански бренд во моментов доживува ренесанса и најважниот нов модел во понудата е токму новиот Grecale – новиот SUV кој треба да биде вистинска италијанска алтернатива на германските конкуренти.

Огромниот Stellantis во своето портфолио има дури четиринаесет брендови и секој од нив треба да си го најде своето место под ѕвездите. Со оглед на „гужвата“, навистина е охрабрувачки кога гледаме дека Stellantis инвестира во еден бренд каков што е Maserati – бренд кој никогаш нема (и не ни треба) да се продава во преголеми бројки и бренд кој заслужува сосем поинаков пристап. Всушност, Stellantis го опишува Maserati како „Мајстор на италијанската дрскост“. Храбро.

И токму таа дрскост ја гледаме низ новите модели на Maserati – на едниот крај го имаме новиот MC20 кој е спектакуларен, драматичен супер-автомобил со сета драма на опера изведена во италијански колосеум, во средината го имаме новиот Granturismo кој според нас е самата суштина на брендот, додека на другиот крај го имаме новиот Grecale кој треба да успее истовремено да понуди и возбуда, и луксуз, и адреналин, и рафинираност.

Што е всушност Grecale? Grecale е моделот каде за прв пат ги видовме првите официјални резултати од соработката меѓу Maserati и Alfa Romeo. Grecale е поставен на Giorgio платформата која веќе се користи за одличните Alfa Romeo Giulia и Stelvio. Секако, кај Grecale платформата е дополнително надградена и доработена за да ги задоволи исклучително високите стандарди на Maserati.

Grecale е поголем од очекуваното, со чисти дизајнерски површини и прекрасни, скапоцени детали.

Кога ги видовме првите фотографии, мислевме дека Grecale е мал, компактен SUV. Но во реалноста, Grecale е поголем од очекуваното, со пропорции кои нескриено ги потенцираат неговите динамични квалитети.

Предната маска е широка, со нагласени отвори за воздух и горд, централно-поставен Maserati трозабец. Големите тркала одличнo ги исполнуваат дискретно-исфрлените крила, додека профилот е мускулест и низок.

Всушност, сите површини се чисти, без непотребни детали и непотребни прекршувања на линиите. На крилата ги има и отворите за воздух кои се препознатливи за Maserati, додека на Ц-столбот повторно го гледаме трозабецот на италијанскиот бренд.

Поврзано:  Quattroporte Gran Finale е последниот V8 на Maserati

На задниот дел вниманието оди кон задните светла кои според Maserati се инспирирани директно од 3200 GT, како и кон завршетоците од издувниот систем кои потенцираат дека тука зборуваме за SUV кој несомнено го заслужува зборот Sports од тој акроним.

Квалитетен ентериер со врвни материјали, многу опрема и многу, многу луксуз.

Ја отвораме вратата и нè пречекува најуверливиот ентериер на Maserati досега. Кабината на Grecale е најмалку едно скалило над она кое досега сме го виделе од италијанскиот бренд – од изборот на материјали, преку технологиите, па сè до завршната обработка и она чувство на луксуз кое ваков автомобил мора да го има.

Се седи ниско – како Grecale да не е SUV. Дигиталните инструменти пред возачот се јасни и лесни за разбирање (и имаат неколку различни режими на приказ). Стартувањето на Grecale е преку копче на управувачот, а сличен селектор од другата страна овозможува лесно менување на режимите на работа.

На централната конзола доминира огромниот, 12.3-инчен мултимедијален уред базиран врз Android оперативен систем. Системот работи прилично брзо и респонзивно и немаме никакви забелешки. Веднаш под него е поставен уште еден, 8.8-инчен панел преку кој се контролираат клима-уредот и уште некои од функционалностите – на пример светлата, амбиенталното осветлување, итн.

Малку несекојдневен распоред, признаваме – но лесен за учење и навикнување. Ни се допаѓаат и ситните детали – како на пример алуминиумските лопатки за менување брзини кои се фиксирани на управувачкиот столб, или пак часовникот поставен на врвот на централната конзола кој сега е дигитален и може да прикажува различни информации. Посебна пофалба заслужува и аудио-уредот од Sonus Faber. Аудиофилите ќе уживаат!

Инаку, кабината е комфорна, прегледна и навистина луксузна. Преовладуваат квалитетни и скапи материјали – кожа, алуминиум, дрво. Вниманието кое е посветено на ситните детали заслужува посебна пофалба – од квалитетното мат дрво, па сè до беспрекорните шевови и значките со кои Maserati гордо го истакнува својот бренд – на секој детал е посветено време, љубов и мајсторство.

Поврзано:  Quattroporte Gran Finale е последниот V8 на Maserati

Во слична опулентност ќе уживаат и патниците на задните седишта кои ќе уживаат во просторната понуда, но и во квалитетната кожа и комфорното седење. Кога сме кај комфорното седење – дури и повисоки патници нема да имаат проблем на задната клупа, дури и при подолго патување. А кога ќе се подготвувате за патување на располагање ќе имате багажник со капацитет од 535 литри кои се достапни преку широк и правилен отвор.

2-литарски турбо-бензинец, 300 коњски сили и „стотка“ за 5.6 секунди!

Пред да зборуваме за искуството зад управувачот, да позборуваме за погонот. Нашиот тестен модел дојде со 2-литарски турбо-бензинец кој кон сите четири тркала преку 8-брзински автоматски менувач од ZF испорачува 300 коњски сили при 5750 вртежи во минута и 450 Nm вртежен момент од само 2000 вртежи во минута. Резултат на сето ова е спринт до 100 километри на час за одлични 5.6 секунди како и максимални 240 километри на час. Со оглед на перформансите, потрошувачката не е страшна – бидете внимателни и можете да очекувате околу 12 литри на 100 изминати километри.

Доколку сте поагресивни со педалата за гас, потрошувачката расте за неколку литри. Истовремено, на автопат Grecale се покажа како штедлив сопатник – измеривме просечна потрошувачка од 8.5 литри бензин на 100 километри при брзина од 120 километри на час. Дел од приказната е и лајт-хибридниот e-Booster систем кој во суштина функционира како мал електричен турбополнач дизајниран да го елиминра турбо-каснењето и Grecale да може да катапултира подготвено во скоро секоја ситуација.

Grecale е вистинско Maserati – особено зад управувачот!

Сега за зборуваме за искуството зад управувачот. Не толку изненадувачки, Grecale е еден од оние SUV модели кои успеваат да ја сокријат својата форма и големина а вистинската ѕвезда тука е шасијата која успева да биде цврста и прецизна без да биде некомфорна. Управувањето е директно и комуникативно и влева доверба во можностите на Grecale.

Поврзано:  Quattroporte Gran Finale е последниот V8 на Maserati

Бидете доволно агресивни во GT или Sport режимите и задниот дел на италијанскиот луксузен SUV е подготвен да заигра од еден свиок во друг – сепак преносот е наклонет повеќе кон задните тркала! Од друга страна, префрлете во Comfort и Grecale се смирува и се трансформира во културен, рафиниран, цивилизиран крстосувач кој лесно голта километри.

Лесно е да се направи супер-скап супер-автомобил. Потешко е истата таа формула да се примени кон нешто кое треба да се користи секој ден.

Grecale е еден од оние Важните модели. Директно ги демонстрира знаењето и експертизата на инженерите и дизајнерите на Maserati и покажува како супер-модерните технологии можат да се искомбинираат со врвното прецизно мајсторство на италијанските експерти и неизбежно-привлечниот дизајн кој Maserati го носи со себе. Maserati доживува своја ренесанса и токму Grecale е доказот за тоа.

Зошто? Затоа што (фигуративно кажано, нели) лесно е да се направи супер-автомобил кој ќе чини Милиони Евра. Многу потешко е да се примени истата формула и да се направи луксузен автомобил кој ќе може од една страна секојдневно лесно да се користи, а од друга страна да биде возбудлив, динамичен и да прави да ви се исправат влакната на рацете кога ќе одите во потрага по свиоци. А со Grecale, Maserati го постигнува токму тоа.

Спецификации

Модел: Maserati Grecale 2.0 300 GT
Мотор: 2-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри во линија
Моќност: 300 коњски сили / 5750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 450 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 5.6 секунди
Максимална Брзина: 240 километри на час
Должина: 4846 mm
Ширина: 2163 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1670 mm
Тежина: 1870 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2901 mm
Багажен Простор: 535 литри
Потрошувачка: 12.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Maserati Grecale 2.0 300 GT – 88.000 Евра
Цена на тестираниот модел: Maserati Grecale 2.0 300 GT – 108.600 Евра
Повеќе Информации: Redrive.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.