Новиот Pixo ги дели своите механички темели и технологија со Renault Twingo E-Tech и Dacia Spring и ќе се произведува во фабриката на Renault во Ново Место, Словенија.
За погон се користи предно поставен електричен мотор кој развива 82 коњски сили и 175 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на малиот градски модел да забрза од 0 до 100 км/час за 12 секунди. Вградена е и познатата технологија e-Pedal која овозможува забрзување и сопирање само со користење на педалот за гас.
Енергијата доаѓа од литиум-железо-фосфатна батерија со капацитет од 27,5 kWh — што е прва апликација на LFP технологија во европски модел на Nissan. Според WLTP стандардот, Pixo овозможува автономија до 259 км со едно полнење. Стандардно е опремен со брзо полнење од 50 kW (од 15% до 80% за 28 минути) и вграден трифазен полнач од 11 kW со поддршка за двонасочно полнење.
Дизајнот има коцкеста форма инспирирана од старите модели на Nissan од 80-тите години. Предниот браник има интересен роботски израз, а светлата се со пикселна графика.
Кабината е предвидена за четири лица и нуди модуларност благодарение на независните задни лизгачки седишта. Во зависност од нивната позиција, багажникот нуди капацитет од 356 литри, кој се зголемува до 1221 литар со преклопени задни седишта.
Технолошкиот пакет вклучува 7-инчна дигитална инструмент табла и 10-инчен централен екран со вградени Google апликации. Вграден е и систем за препознавање лице за автоматско вчитување на профилот на возачот, како и системи за поддршка во возењето од најнова генерација.
Испораките во Европа се закажани за почетокот на 2027 година, додека цените не се уште објавени.



















