Nissan Qashqai e-POWER помина безмалку 2000 километри со еден резервоар гориво и постави гинисов рекорд! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Nissan Qashqai e-POWER помина безмалку 2000 километри со еден резервоар гориво и постави гинисов рекорд!

Обновениот Qashqai e-POWER официјално влезе во Гинисовата книга на рекорди, откако помина неверојатни 1.980 километри со едно полнење на резервоарот, без дополнително точење гориво или приклучување на полнач.

Рекордниот подвиг беше реализиран во Колумбија, на рута што започнала во Богота, а завршила на карипскиот брег, при што патувањето траело од 14 до 17 јули. Целата рута била внимателно следена од претставници на Guinness World Records, кои официјално го потврдиле новиот светски рекорд во категоријата SUV со електричен погон и продолжен досег без можност за надворешно полнење.

Она што го прави овој резултат интересен е специфичниот начин на работа на e-POWER системот. За разлика од класичните хибриди, тркалата кај Qashqai секогаш ги придвижува електромоторот, додека 1,5-литарскиот трицилиндричен бензински мотор никогаш нема директна механичка врска со погонските тркала. Неговата единствена задача е да произведува електрична енергија за батеријата и електромоторот, со што возачот добива чувство многу слично на управување со електричен автомобил – без потреба од полнење на приклучок.

Рекордот е поставен со најновата генерација на e-POWER, која Nissan ја претстави годинава. Системот е покомпактен и интегрира електромотор, генератор, инвертер и редуктор во една целина, со што се намалени механичките загуби и е подобрена ефикасноста.

Во европската спецификација, Qashqai e-POWER располага со 190 КС и 330 Nm, забрзува од 0 до 100 km/h за 7,9 секунди, додека официјалната WLTP потрошувачка изнесува само 4,3 до 5,3 l/100 km, во зависност од верзијата и опремата.

Од Nissan потенцираат дека возењето не било изведено на затворена патека ниту во лабораториски услови. Рутата вклучувала градски сообраќај, регионални патишта, автопати и планински делници, а автомобилот бил управуван во реални услови без специјални модификации. Сепак, вреди да се напомене дека патувањето започнало во Богота, град сместен на над 2.600 метри надморска височина, а завршило на морското ниво, што значи дека дел од рутата подразбирала значителна висинска разлика.

Иако ваквите рекорди секогаш зависат од бројни фактори, новиот резултат претставува силна маркетиншка потврда за концептот на e-POWER – технологија која треба да понуди електрично чувство при возење, без ограничувањата што ги носи потребата од редовно полнење на батеријата.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.