Новиот супер-автомобил на Maserati е развиен и конструиран во Модена – и носи нов, високо-технолошки V6 со 630 коњски сили!
Кога Maserati покажува нешто ново, светот внимателно следи што се случува – а ова е бидејќи Maserati е бренд со легендарна историја и модели кои имаат оставено цврст отпечаток во автомобилизмот. Вечерва, Maserati ни ја покажа својата иднина – високо-технолошка, електрифицирана и моќна – а првиот модел е токму Maserati Corse 2020, односно MC20.
Новиот супер-автомобил на Maserati има скоро-целосна карбонска конструкција и тежи малку над 1400 килограми. Средно е поставен целосно-нов 3-литарски би-турбо V6 развиен токму од Maserati, кој испорачува 630 коњски сили и 730 Nm вртежен момент – доволни за спринт до „стотка“ за 2.8 секунди и максимална брзина која лесно надминува 300 километри на час. Новиот мотор користи напреден систем за пред-палење на горивото, со што испорачува уште повеќе моќност. Силата се пренесува кон задните тркала преку 8-степен автоматски менувач.
Многу внимание е посветено и на дизајнот и ситните детали. Ни се допаѓаат едноставноста и чистотата на дизајнот на MC20. MC20 има врвна аеродинамика, без притоа да изгледа предизајниран. На предниот дел вниманието го задржуваат ниските предни светла и маската, а профилот е типичен за супер-автомобил. На задниот дел главното внимание повторно оди кон задните светла, но и чистиот заден браник, големите завршетоци на издувниот систем и функционалниот дифузер.
Кабината е спортска и функционална, без притоа да биде прекомплицирана. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, а седиштата се длабоки и со многу, многу поддршка. Селекторот за режими е на централниот гребен, а таму се и копчињата за „менувачот“. Навистина ни се допаѓаат сините контрастни шевови на седиштата, како „голиот“ карбон.
Од Maserati најавуваат и електрична верзија на MC20, но сега за сега не објавуваат никакви детали. Сепак, во меѓувреме ќе уживаме во MC20!
Браво Maserati!