Nissan го искористи овогодинешниот SEMA Show во Лас Вегас за да претстави три теренски концепти базирани на Frontier, Pathfinder и Armada. И да, Јапонците навистина се потрудиле!
Трите концепти изгледаат како да се подготвени да го освојат и најнепристапниот терен!
Станува збор за Frontier RONIN, Pathfinder XE-V6 и Armada Jungle Patrol – три сосем различни интерпретации на теренското возење, но со една заедничка цел – да ги истражат можностите за идните теренци на Nissan.

Armada Jungle Patrol – Кому му треба покрив?
Започнуваме со најекстремниот – Armada Jungle Patrol!
Инженерите на Nissan одлучиле да го отстранат целиот покрив на огромниот SUV и да го заменат со заштитен кафез. Резултатот е теренец кој повеќе наликува на сафари-возило отколку на луксузната Armada која ја познаваме.
Дополнително, кабината е целосно преработена и добива клупи поставени една спроти друга, додека надворешноста е збогатена со масивни челични браници, проширени крила и дополнителни NISMO светла.
Armada Jungle Patrol добива и специјална суспензија со продолжен од, прилагодливи амортизери и огромни 37-инчни Yokohama Geolandar пневматици поставени на 18-инчни NISMO тркала.
За придвижување е задолжен веќе познатиот 3.5-литарски твин-турбо V6 кој испорачува 425 коњски сили, но сега добива и специјален NISMO издувен систем.

Frontier RONIN – Пикап со срце од GT-R!
Следниот e Frontier RONIN, кој под неговиот преден поклопец крие 3.8-литарски V6 со два турбополначи позајмени од Nissan GT-R NISMO!
Јапонците сè уште не откриваат колку коњски сили испорачува модифицираниот V6, но со оглед на направените измени, очекуваме значително повеќе од стандардните 310 коњски сили.
Сепак, приказната не завршува тука. Frontier RONIN добива темелно преработена суспензија со Bilstein амортизери, компоненти од поголемиот Titan, 30 сантиметри поширока трага и повеќе од 10 сантиметри дополнително растојание од подлогата.
Тука се и огромните 35-инчни Yokohama Geolandar гуми поставени на 17-инчни NISMO тркала, помоќни сопирачки, дополнително LED осветлување, заштитни елементи и специјални браници. Во кабината се поставени спортски седишта и дополнителни инструменти за следење на работата на моторот.

Pathfinder XE-V6 – Ретро инспирација и сериозни теренски амбиции
Третиот концепт е можеби најблиску до нешто што би можеле да го видиме на улиците.
Pathfinder XE-V6 е подготвен како своевидна почит кон првата генерација на Pathfinder, која годинава слави 40 години од своето појавување. Токму затоа концептот добива ретро графики во црвена, сива, сребрена и црна боја, инспирирани од теренците на Nissan од 80-тите години.
Суспензијата е подигната за околу 10 сантиметри, поставени се 18-инчни NISMO тркала со теренски Yokohama гуми, специјални браници, заштита на подвозјето и носач за резервното тркало на задниот дел.
Тука се и кровен носач, дополнителни светла, витло и неколку практични додатоци за подолги авантури.
За разлика од Frontier RONIN, кај Pathfinder нема големи интервенции во погонскиот систем. Концептот го задржува атмосферскиот V6 од Pathfinder Rock Creek со 295 коњски сили, но добива NISMO издувен систем.
Што ни најавуваат овие три концепти?
Од Nissan потврдуваат дека трите автомобили засега се само концепти и нема планови за нивно сериско производство во прикажаната форма. Сепак, Nissan веќе има искуство со претворање на идеи од SEMA во сериски модели и пакети опрема, а токму ваквите експерименти би можеле да влијаат врз идните NISMO додатоци и теренски изведби.


















