Bugatti повторно ги поместува границите на автомобилскиот ексклузивитет со претставувањето на Destrier – уникатен хиперавтомобил изработен во само еден примерок и е дел од од супер-екслузивната (и супер-скапа, нормално) Solitaire линија.

Destrier е поставен на карбонската монокок шасија на Bolide, но за разлика од тркачкиот модел добива целосно редизајнирана каросерија наменета за возење на улица. Големото фиксно задно крило е заменето со многу почист и поелегантен дизајн, додека активната аеродинамика и внимателно обликуваните воздушни канали обезбедуваат потребниот притисок без екстремните аеро-елементи карактеристични за Bolide.
Предниот дел носи препознатлив Bugatti потпис со потесни LED светла инспирирани од Tourbillon, а профилот е исклучително низок – со висина од само околу еден метар, Destrier е најнискиот автомобил кој Bugatti некогаш го направиле. Дополнително, моделот добива нови 20-инчни предни и 21-инчни задни тркала, наместо 18-инчните тркачки тркала на Bolide.

Срцето на Destrier останува легендарниот 8.0-литарски W16 мотор со четири турбополначи, кој во оваа конфигурација испорачува 1.600 КС. Силата се пренесува на сите четири тркала преку седумстепен менувач со двојна спојка, што значи дека и покрај патната хомологација, перформансите остануваат на ниво на вистински хиперавтомобил.
Иако Tourbillon веќе ја означи новата ера со атмосферски V16 мотор и хибриден погон, Destrier е веројатно последната специјална изведба која го користи легендарниот W16. И токму затоа Destrier има важно место во историјата на Bugatti – не како сериски модел, туку како колекционерско ремек-дело создадено за еден (сигурно многу, многу, многу богат) клиент.

Името Destrier доаѓа од средновековниот назив за елитните воени коњи кои ги користеле витезите и симболизираат сила, брзина и престиж. Тоа совршено се вклопува со филозофијата на брендот, но и автомобилот, кој комбинира бескомпромисни перформанси со рачно изработен луксуз и уникатен дизајн.
Со Destrier, Bugatti уште еднаш покажува дека, покрај ограничените сериски модели, има простор и за целосно уникатни креации кои ги поместуваат границите на автомобилските инженеринг и дизајн. За среќниот сопственик ова е автомобил без директен конкурент, а за останатите – уште еден доказ дека во Молсхајм сè уште знаат како да создадат вистинска автомобилска уметност.














