Автомобилските производители одамна ги надминаа класичните промотивни видеа, но Porsche овојпат подготви спектакл кој навистина се издвојува.

Наместо традиционален спринт против авион, новиот Cayenne Turbo Electric доби многу посложена задача – да остане во чекор со Stratolaunch Roc, авионот со најголем распон на крилја во светот, додека полетува и слетува.
Тестот беше реализиран на аеродромот Mojave Air and Space Port во Калифорнија, каде инженерите на Stratolaunch пресметале дека благодарение на специфичната конструкција на Roc, еден доволно брз и стабилен автомобил може безбедно да се движи помеѓу двете тела на авионот. Porsche реши токму електричниот Cayenne да биде првиот што ќе го докаже тоа во пракса.

Зад управувачот се смести поранешниот фабрички возач на Porsche, Патрик Лонг, кој мораше прецизно да ја синхронизира брзината со шестмоторниот авион. За време на полетувањето, Cayenne Electric надмина 257 км/ч, а потоа ја повтори задачата и при слетувањето, останувајќи идеално позициран на средината. Во кабината се наоѓаа и членови на екипажот на Stratolaunch, кои преку радио-комуникација ја координираа акцијата со пилотите.
Најинтересно е што ова не беше трка, туку тест на стабилност, прецизност и доверба во динамичките способности на новиот електричен SUV. Според Porsche, целата демонстрација опфатила четири високобрзински минувања, при што автомобилот потрошил само околу 13 проценти од капацитетот на батеријата.

Иако Porsche сè уште не ги открива сите технички детали, Cayenne Turbo Electric веќе се најавува како најсилниот сериски модел во историјата на брендот, со сила од околу 1.140 коњски сили. Очигледно, тоа е повеќе од доволно за да се остане во чекор со летало со моќ од над 1,500 кило-њутни и има распон на крилјата од речиси 117 метри.
Со оваа необична демонстрација, Porsche уште еднаш покажа дека електрификацијата не мора да значи компромис кога станува збор за перформансите. Напротив, Cayenne Electric пристигнува со амбиција да ги помести границите – дури и кога тие се наоѓаат на писта по која полетува најголемиот авион во светот.




