ПРЕМИЕРА: Mission S е најава за идниот супер-автомобил на Porsche! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mission S е најава за идниот супер-автомобил на Porsche!

Со новиот Mission S, Porsche најавува како ќе изгледа новиот супер-автомобил, кој ќе биде над 911 во хиерархијата на брендот.

Како што пред 11 години (да, навистина помина толку време) Porsche го претстави Mission E и со него го најави Taycan, така сега Porsche го најавува следниот супер-автомобил со концептот Mission S.

Океј, но што е всушност Mission S? Со најновиот концепт, Porsche гледа директно кон иднината. Новиот супер-автомобил со средно-поставен мотор истовремено гледа кон идната дизајнерска насока на Porsche, но и најавува нова платформа наменета токму за овој автомобил. Сега за сега нема конкретни најави, но се шпекулира дека новиот автомобил нема да биде изработен во ограничени бројки, туку дека ќе стане постојан дел од понудата на Porsche.

Интересно е дека Mission S влече инспирација од многу автомобили од историјата на Porsche. Загледајте внимателно и ќе препознаете дека дизајнерите на Porsche влечеле инспирација од 911 и 959, но и тркачките 917 и GT1. Ниската силуета, широката каросерија и јасниот фокус кон аеро-перформансите влечат инспирација од минатите модели на Porsche, но истовремено јасно гледаат кон иднината.

Сега за сега Porsche не кажува што се крие под каросеријата, но знаеме дека моторот е средно-поставен. Активниот заден спојлер се интегрира во каросеријата, а ако погледнеме кон просторот наменет за моторот, ќе препознаеме вентилатор за ладење инспириран од тркачкиот 917. Од друга страна, тркалата влечат инспирација од Porsche 928.

Според Porsche, кабината влече инспирација од некои од најстарите модели на Porsche – односно од 550 Spyder и незаменливиот 356. Пред возачот се поставени пет аналогни инструменти, со бројач на вртежи гордо поставен во средината. Дигиталните екрани се поставени зад аналогните инструменти, што пак резултира со несекојневен 3Д ефект.

Инструментите ја менуваат поставеноста во зависност од режимот на работа, а во кабината нема конвенционален инфозабавен дисплеј. Наместо огромен екран, во кабината има MagSafe држач за мобилен телефон. Сите имаме мобилни телефони, па кога ни треба навигација или нешто слично – едноставно можеме да го користиме телефонот.

Поврзано:  Porsche го основаше „Домот на Спортските Автомобили“

Она што има се физички копчиња и контроли кои даваат физички фидбек при користење.

Mission S концептот е дел од „Sportwagenschmiede ’35“ стратегијата на Porsche. Сега за сега немаме никакви конкретни информации околу техничките детали, ниту пак за перформансите. Но она што го знаеме е дека идните автомобили изградени околу платформата која се најавува со Mission S нема да бидат електрични.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.