Peugeot ги објави првите фотографии од серискиот e-208 GTi – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Peugeot ги објави првите фотографии од серискиот e-208 GTi

Откако пред една година Peugeot го претстави e-208 GTi во неговата прва форма, сега ги имаме првите официјални фотографии од новиот француски електричен хот хеч!

И со задоволство можеме да пријавиме дека нема скоро никакви измени од првичниот автомобил кој Peugeot го претстави пред една година, до она кое го гледаме денес.

Но секако, e-208 GTi и понатаму изгледа агресивно и доминантно. Многуте црвени детали околу целиот автомобил, како и дискретно проширените крила со црвени линии му даваат на електричниот хот хеч поагресивен и посамоуверен став. На предниот дел забележуваме дискретно редизајниран сплитер кој сега е целосно во боја на каросеријата.

Профилот е неизменет, но за жал серискиот автомобил изгледа ќе ги изгуби тркалата со огромни GTi ознаки кои навистина ни се допаѓаа. На Ц-столбовите има GTi значки кои го нагласуваат карактерот на e-208 GTi. Задниот дел добива агресивен заден спојлер со црвена основа, како и редизајниран, нијанса поагресивен заден дифузер кој има црвени детали.

Сега за сега, немаме официјални податоци околу погонот на e-208 GTi. Очекуваме дека нема да има премногу измени во однос на погонот кој го носеше концептот – M4+ електромотор кој испорачува 280 коњски сили и максимален вртежен момент од 345 Nm. Всушност, истиот погон кој го користат одличните Mokka и Corsa GSE.

Официјалната премиера е закажана за Петок, 12-ти Јуни на 24 Часа Le Mans. Во меѓувреме, Peugot ќе покаже три сериски примероци во сина, бела и црвена боја кои ќе ја претставуваат француската харизма на брендот.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.