Opel нè покани на (и околу) легендарната Jarama тркачка патека близу Мадрид да седнеме зад управувачот на новата Mokka GSE.
Со Mokka GSE, Opel успеа да направи нешто навистина… Неочекувано. Германскиот бренд и неговата Opel Motorsport дивизија ја трансформираа храбрата но ненаметлива Mokka Electric во електрично возило со високи перформанси кое… Заслужува да биде возено на Ф1 патека?
Чекај, чекај… Ф1 патека?
Па да. И тоа не било која патека. Патеката Jarama (се чита Харама, бидејќи Шпанија) порано била дом на шпанското Гран При, но и на TCR трките, Superbike шампионатот и многу, многу други, во моментов се одржуваат Drift Masters натпревари, а во иднина ќе биде и една од станиците на Formula E трките.
А тука сме да ја возиме Mokka GSE. И ако мислите дека ознаката GSE е позерска, „колку да има“ финта – грешите. Инженерите на Opel и Opel Motorsport преземале технологии директно од тркачката Mokka GSE Rally, направиле некакво вуду и… Ја добиваме Mokka GSE.
Вуду-магија.
А што е вудуто? Па започнува со електромотор кој испорачува 281 коњска сила и 345 Nm вртежен момент, но уште поважни се зацврстената (и тоа многу!) шасија, темелно ревидираната суспензија и предниот диференцијал со ограничено пролизгување.
Плус, добива и огромни, 380-милиметарски предни сопирачки со Aicon шепи, а (ексклузивните за Mokka GSE) 20-инчни тркала се обвиени во лепливи Michelin Pilot Sport пневматици. И?
И сето тоа резултира со една сосем поинаква Mokka. Ќе бидеме малку досадни со кафе-шегите, но ова е Mokka без шеќер! Забрзува до 100 километри на час за 5.9 секунди и достигнува максимални 200 километри на час.
И како што рековме, Opel се толку убедени во перформансите на малата шугар-фри (добро де добро, уште малку, ветуваме) Mokka, што нè поканија токму на патеката Jarama да ја запознаеме.
Прво возиме по улица…
Првото искуство со Mokka GSE е на цивилни патишта околу Jarama. Рутата е долга нешто повеќе од 100-тина километри, но минува низ прекрасни, осамени шпански патишта со прекрасен, супер-мазен шпански асфалт. И Mokka GSE едноставно импресионира – во Sport режим ги испорачува сите 281 коњска сила и 345 Nm вртежен момент и забрзува инстантно и линеарно. Но вистинската магија се случува кога пристигнуваме до кривлулестиот дел од рутата, каде инстантната моќ, предниот диференцијал и лепливите гуми се на свое.
Тука Mokka импресионира. Во брзите, остри свиоци едноставно се чувствува како надворешното тркало влече по асфалтот, а Mokka GSE се ротира околу сопствената оска со агилност која ги крие кросоверската форма и масата од околу 1600 килограми. Отпуштете „гас“ во свиок и тежината се префрла нанапред, што пак овозможува задниот дел да заигра. ;)
Управувањето е директно, прецизно и прилично комуникативно. Отпорот на управувањето дава чувство на контрола и дава многу доверба во можностите на Mokka GSE во свиоци. Во спортски режим се деактивира и регенеративното сопирање од огромните сопирачки, па секое притискање па педалата е линеарно, а сопирачките се моќни!
… а потоа и на патека.
Океј, но тркачка патека? Па да, зошто да не? Кога перформансите на цивилен асфалт се толку уверливи, зошто да не и на поабразивниот асфалт на Jarama?
И вистината е дека Mokka GSE не само што се снаоѓа одлично, туку едноставно е одомаќена на тркачката патека. Моќниот електромотор овозможува силно забрзување, а сопирачките подготвено ја минусираат брзината кога се наближуваме до свиок.
И тука повторно диференцијалот го истакнува своето присуство, тркалата силно ја носат Mokka GSE од свиок во свиок и… Кросовер не би требало да биде толку забавен? Нели?
А другите работи?
Инаку, Mokka GSE ќе ја препознаете по неколкуте GSE-специфични значки, големите тркала и зелените предни сопирачки. Дизајнерите намерно се воздржале, бидејќи Mokka веќе изгледа самоуверено, па и не било потребно премногу џиџи-миџи. Океј, би сакале некоја похрабра боја – сивата е убава, но ваков автомобил заслужува похрабра, поекспресивна боја.
Силуетата е ниска и широка, со динамичен став благодарение на поголемите тркала кои се исфрлени скоро на рабовите на крилата. Би сакале нијанса поголем заден спојлер, за уште повеќе да се истакне карактерот.
Во кабината добиваме прекрасни спортски седишта кои нудат навистина многу поддршка во свиоци. Се седи нијанса пониско во однос на обичната Mokka, а тоа пак го нагласува спортскиот карактер. Дигиталниот кокпит добива и уникатни-за-GSE графички прикази кои вклучуваат G-Meter, тајмер за тркачка патека и мерач на моќност и вртежен момент.
Доста беше бескофеинско кафе!
И заклучокот по сето ова? Па, со оглед на тоа дека електричните автомобили неретко добиваат што оправдани, што неоправдани критики, со задоволство можеме да кажеме дека Opel во својата понуда сега има вистински електричен хот хеч.
И да не се разбереме погрешно, Mokka GSE на хартија може да е кросовер, но во вистинскиот свет е моќен, забавен и динамичен хот хеч. Хот хеч кој не е за оние плашливите кои пијат бескофеинско кафе, туку оние кои уживаат во моќна доза коефин, без шеќер. И кој ќе го препознае тоа, ќе ужива во него. Да, секој ден. Да, дури и на тркачка патека.


























































