ТЕСТ: Peugeot e-208 50 kWh 136 Allure – Иднината е електрична – и иднината е веќе тука! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot e-208 50 kWh 136 Allure – Иднината е електрична – и иднината е веќе тука!

Барем кај нас, електричните автомобили се сè уште равенка со „неколку непознати“ – па одлучивме токму со електричниот Peugeot e-208 да одговориме на неколку прашања.

Прв пат имавме можност да седнеме зад управувачот на електричниот e-208 минатата година, на официјалната презентација на новата генерација на 208 во Португалија. Уште тогаш, францускиот електричен автомобил ни остави навистина позитивни впечатоци – но тогаш возевме пред-продукциски возила, а она за кое ќе зборуваме денес е финалната верзија, онаа верзија која и вие можете да ја нарачате и купите уште денес.

Всушност, македонскиот импортер за возилата на Peugeot – Еуроимпекс – ја заокружува понудата на моделот 208 токму со e-208. Сите верзии – бензинските, дизелските, па и електричната верзија – можете да ги најдете во понудата, а тоа е навистина за поздрав.

Peugeot e-208 изгледа како и секој друг 208 – и се гордее со тоа!

Бидејќи веќе во неколку наврати имавме можност да го возиме новиот 208, само ќе повториме дека ова е модерен, практичен и навистина привлечен автомобил. Ни се допаѓа дизајнот – како на екстериерот, така и во кабината. На новиот 208 (па и е-208) му прилегаат храбри, забележливи бои – и навистина изгледа одлично во оваа сина боја, а ни се допаѓаат и декоративните елементи околу крилата. Каде и да се појави, луѓето го забележуваат.

Ни се допаѓа дека e-208 изгледа како и секој друг 208. Крајно време е да ги прифатиме електричните автомобили како обични, најнормални автомобили – а дел од тоа е и нивниот дизајн. 208 веќе изгледа одлично – па навистина не гледаме потреба од посебно „истакнување“ на фактот дека е-208 е електричен.

Да, секако, има неколку дискретни детали – како на пример, предната маска која е во боја на каросеријата, како и „е“ значката на Ц-столбот – но тоа е тоа. Сепак, ова е 208 – и се гордее со тоа!

Погон, полнење?

Но ајде малку за технологиите кои се кријат „под кожата“ на електричниот 208. За време на неколкудневното дружење со е-208, неколку пати ни беа поставени истите прашања: „Ова нема никаков бензински мотор?“, „Фул-електричен е?“, и слично. Да, ова е целосно-електричен автомобил. Нема бензински мотор. Нема ништо толку „старомодно“ како механички уред кој претвора „сок од диносауруси“ во бучавост, вибрации и движење нанапред. Тука сè е супер-модерно и технолошки напредно.

Задолжен за задвижување на е-208 е електромотор со моќност од 100 kW, односно 136 коњски сили. Дополнително, моторот испорачува и 260 Nm вртежен момент „од нула“, односно од нула вртежи во минута, што пак навистина го трансформира возењето. Автономијата која ја нуди е-208 е 340 километри (според построгите WLTP мерења) и по времето поминато со автомобилот, немаме никаква причина да се сомневаме во тоа. А бидејќи треба да бидеме искрени – 340 километри се сосем доволни за градско возење, но и за излегување надвор од урбаните средини. Полека но сигурно, електричните автомобили започнуваат да имаат автономија која воопшто не е за занемарување.

Да, но што е со полнењето? Новиот Peugeot e-208 поддржува брзо полнење со моќност до 100 kW. Во ред, такви DC Fast Charge полначи во нашата земја (сега за сега) нема – но доколку имате пристап до таков полнач, батеријата би се наполнила до 80% за околу 30 минути. Другата опција е да ги користите јавно-достапните полначи на ЕВН – тие се со моќност од 22 kW и би ги наполниле батериите на e-208 за два-три часа.

Последната опција е да го полните вашиот е-208 во домашни услови – каде повторно, имате неколку опции: во зависност од полначот кој ќе го одберете, полнењето може да трае и (признаваме, непрактични) 29 часа, но ако го одберете полначот со моќност од 3.7 kW, полнењето трае 12 часа.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Peugeot го претстави новиот 9X8 со кој ќе се натпреварува на Endurance трките!

Поставете посебен полнач со моќност од 7.4 kW, и полнењето ќе трае околу 7 часа. Поставете брз, трофазен полнач со моќност од 11 kW и полнењето „до горе“ ќе трае нешто над 5 часа!

Електричните возила бараат промена во нашите навики.

Она што е најтешко да се објасни (и да се прифати) е дека полнењето на батериите не е исто како полнењето на резервоарот за гориво. Што сакаме да кажеме? Па, не мора секој пат автомобилот да го полните „до горе“ – туку едноставно, секој пат кога ќе имате неколку часа, ставете го на полнач. Ќе ја поминете целата ноќ во вашиот дом? Ставете го автомобилот на полнач – дури и да ја одберете најспората опција за полнење, до следното утро ќе наполните барем 30-тина проценти од батеријата.

Понатаму, одите на работа и вашиот автомобил ќе биде во мирување осум часа? Најдете паркинг со полнач и ставете го да се полни. Одите на шопинг во некој поголем шопинг-мол? Дури и кај нас, шопинг-центрите веќе имаат полначи, па додека ги купувате неделните намирници, вашиот автомобил нека се полни. Одите во Зоолошката Градина во Скопје? Повторно, и таму има полнач! И иако можеби мислите дека полначите се реткост – не се. Постојано се работи на подобрување на инфраструктурата – полначите на ЕВН се достапни во скоро сите поголеми градови во Македонија, а само во Скопје има 15-тина.

Да, користењето на електричен автомобил дефинитивно од нас бара соодветна промена во навиките на користење на еден автомобил – но електричните автомобили се неизбежна иднина, погоните и батериите стануваат сè поефикасни, полначите сè помоќни, а инфраструктурата сè подобра.

Поврзано:   Peugeot Sport доби специјално еко-признание од FIA

Но каква е „математиката?“

И сега доаѓаме до „математиката“. Односно – еден од најсилните аргументи за купување и користење електричен автомобил. Возењето на електричен автомобил е скоро „без пари“. Ајде вака – ако Peugeot e-208 може да помине 340 километри со едно полнење, тоа значи дека троши околу 14.7 kWh на 100 изминати километри. Во моментот на објавување на овој тест, 1 kWh електрична енергија во евтината тарифа за електрична енергија (односно, таканаречената „евтина струја“) чини 2.78 денари + ДДВ, односно 3.28 денари. Нашите (груби, секако) пресметки кажуваат дека 100 километри со Peugeot e-208 чинат само 48.2 денари! Тоа значи дека возењето „на струја“ е околу десет пати поевтино од возењето на бензин! А доколку ги користите полначите на ЕВН полнењето барем некое време ќе биде целосно бесплатно!

Втор силен аргумент кој електричните возила го имаат на својата страна е и едноставното одржување. Нема менување масло и филтри (освен филтерот за клима-уредот) и драстично е намалено менувањето на таканаречените потрошни материјали. Дури и промената на плочките и дисковите од сопирачките ќе го правите поретко пораки ефикасното моторно кочење во Б-режимот со кое се полни батеријата.

Како е да се вози електричниот Peugeot e-208?

Конечно, како е да се вози електричниот е-208? Супер-забавно! Моќниот електромотор и испораката на сила „од нула“ прави урбаниот автомобил да е екстремно стартен и забавен, а движењето во апсолутна тишина секогаш ќе ни биде интересно. Плус, бидејќи погонот е супер-мазен  и нема никакви вибрации – рафинираноста е врвна. Дури ќе признаеме дека ни е тешко да најдеме збор кој соодветно ќе ја објасни рафинираноста. Всушност, еве вака – разбирливо е зошто производителите на супер-луксузни, супер-комфорни и супер-рафинирани автомобили ја гледаат иднината во електричните возила.

Ниту перформансите не се за занемарување – оној популарниот бенчмарк од 100 километри на час пристигнува за само 8.1 секунда, додека максималната брзина е 150 километри на час. Менувачот е автоматски – односно, само одбирате дали сакате да одите нанапред или наназад, преносот е директен и нема никакви загуби. Дури и управливоста е на страна на е-208 – ниско поставените батерии го спуштаат тежиштето ниско, а тоа дополнително ја подобрува стабилноста.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Во Кан го возевме новиот електричен Peugeot E-3008!

А бидејќи платформата врз која е поставен е-208 е од самиот почеток развиена да се користи и за електрични автомобили, значи дека не е направен никаков компромис во однос на просторот на задната клупа, како и багажниот простор. Достапни се три режими на возење – Normal, Eco и Sport. Нормалниот режим е… Нормален. Eco режимот ги зауздува перформансите и ја намалува силата на клима-уредот со цел да обезбеди што е можно поголем досег на возење, додека Sport режимот прави e-208 да е вистинска мини-ракета! На рачката од менувачот можете да го одберете и Б-режимот – во овој режим моторното кочење е навистина силно и скоро можете да возите само со една педала, а енергијата која се рекуперира се складира во батеријата.

Сето тоа го прави електричниот Peugeot e-208 екстремно интересен. Да, да, во ред – електричните возила сè уште се скапи, но кога ќе се земе предвид скоро бесплатното возење и значително пониските трошоци за одржување, според Peugeot користењето на Peugeot e-208 во рамките на неговиот животен век би требало да чини исто како користењето на Peugeot 208 со 1.2-литарски турбо-бензинец со автоматски менувач. Цената на електричниот модел секако е повисока на почетокот – но повторно – кога ќе го „направиме есапот“ со цената на експлоатација и намалените трошоци за одржување…

Нема потреба да чекаме да пристигне иднината – таа е веќе тука!

И тука некаде ќе го привршиме нашиот тест на e-208. Електричните возила се иднината – сите трендови го покажуваат тоа, а огромните инвестиции кои производителите ги прават токму во ваквите возила го докажуваат тоа. А ние само ќе додадеме – ако електричната иднина е како онаа кај e-208, тогаш побрзо нека пристигне! Односно, уште поточно – веќе е тука!

Димензии

Спецификации

Модел: Peugeot e-208 50kWh 136 Allure
Мотор: Електромотор 100 kW, батерија 50 kWh
Моќност: 136 коњски сили
Вртежен Момент: 260 Nm
Менувач: Автоматски, директен
Забрзување 0-100 км/ч: 8.1 секунда
Максимална Брзина: 150 километри на час
Должина: 4055 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1430 mm
Тежина: 1500 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2540 mm
Багажен Простор: 311 литри
Автономија: 340 километри според WLTP
Цена на основниот модел: Peugeot e-208 50 kWh 136 Active – 32.520 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot e-208 50 kWh 136 Allure – 36.060 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.