ПРЕМИЕРА: Škoda официјално ги претстави Octavia RS и RS TDI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda официјално ги претстави Octavia RS и RS TDI!

По дебито на плаг-ин хибридната Octavia RS iV, сега Škoda во понудата ги додава и Octavia RS со 245 коњски сили, односно RS TDI со 200 коњски сили!

Новата, четврта генерација на Octavia сега е достапна во дури три RS-изведби. Неодамна зборувавме за плаг-ин хибридната Octavia RS iV, која комбинира 1.4-литарски турбо-бензинец со електромотор за да располага со вкупно 245 коњски сили, а денес ќе зборуваме за Octavia RS со конвенционален 2-литарски турбо-бензинец, но и за Octavia RS TDI со 2-литарски турбодизел.

Ајде прво за Octavia RS. Најновата изведба на Octavia RS користи 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 245 коњски сили од 5000 до 6500 вртежи во минута, како и 370 Nm вртежен момент од ниски 1600, па сè до 4300 вртежи во минута. Силата се пренесува кон предните тркала преку 7-брзински DSG менувач со двојна спојка, а сето тоа резултира со 100 километри на час за 6.7 секунди и максимална брзина од 250 километри на час. Секако, на купувачите ќе им биде достапен и мануелен менувач со шест брзини.

Новата Octavia RS TDI добива 2-литарски турбодизел кој испорачува 200 коњски сили и 400 Nm вртежен момент. Ова е најмоќниот дизел кој некогаш се нудел во Octavia. Интересно е дека Octavia RS TDI ќе се нуди само со DSG менувач со 7 брзини, а по избор ќе може да се добие погон на сите четири тркала. Octavia RS и RS iV добиваат големи, 17-инчни сопирачки, додека дизелската изведба добива 16-инчни сопирачки на предните, односно 15-инчни сопирачки на задните тркала.

Секако, новите Octavia RS и Octavia RS TDI се достапни како хечбек и како супер-практичен караван. Ова не е воопшто изненадувачки, со оглед на популарноста на RS-верзите на Octavia во каравански изведби на некои пазари.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

Инаку, Octavia RS и RS TDI добиваат поагресивни браници, големи тркала, моќни сопирачки и грст други детали. Особено добро ни изгледаат моделските ознаки во црна боја, дискретниот заден спојлер и црвено-црните RS значки. Кабините добиваат спортски седишта, специјален RS-управувач кој е делумно обвиен во перфорирана кожа, амбиентално осветлување во црвена боја, алуминиумски педали и уште мал милион други ситници. Ќе го истакнеме дигиталниот дисплеј пред возачот кој добива специјална RS графика.

Нарачките се очекува да започнат наскоро!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.