full screen background image
Search

ВОЗЕВМЕ: Во Шпанија се запознавме со плаг-ин хибридните Peugeot 508 Hybrid и 3008 Hybrid4

Новите плаг-ин хибридни изведби на Peugeot 508 и 3008 ги прават овие француски автомобили уште поинтересни за купувачите – бидејќи нудат привлечна комбинација од импресивни перформанси и уште поимпресивна економичност.

Плаг-ин хибридните изведби на возилата земаат сè поголем замав. Ако пред само неколку години, плаг-ин хибридите (па и конвенционалните хибриди) беа нешто егзотично кое требаше на долго и на широко да се објаснува, сега веќе нештата полека но сигурно се менуваат. Еден по еден, скоро сите производители веќе нудат (или најавуваат) свои хибридни и плаг-ин хибридни возила – бидејќи купувачите едноставно ги бараат.

Peugeot влегува во играта на електрификација на голема врата. Уште пред неколку месеци имавме можност да го пробаме електричниот Peugeot e-208 на неговата официјална промоција – и уште тогаш нашите домаќини од Peugeot зборуваа за амбициозните планови на францускиот бренд околу електрификацијата на целата гама на возила.

Шпанија. Земја на сонцето, одличната ибериска шунка и вкусното вино.  Тука сме на почетокот на Февруари, а нè пречекаа временски услови и температури како да е крајот на Мај. Индикаторот покажува 25 степени. Во Февруари? Прекрасно!

Ајде да започнеме со 508 Hybrid

Ајде да започнеме со плаг-ин хибридниот Peugeot 508. Овој автомобил веќе добро го познаваме – конвенционалните изведби веќе сме ги возеле неколку пати. Веќе неколку пати сме кажале дека радикалниот 508 ни е еден од омилените модели во сегментот. Едноставно, изгледа спектакуларно и како ништо друго во сегментот.

И да бидеме искрени, среќни сме што дизајнерите на Peugeot не направиле скоро никакви измени при конверзијата во плаг-ин хибриден автомобил – додадени се неколку значки, и тоа е тоа. 508 и понатаму е супер-авангарден, супер-модерен седан кој едноставно ги влече погледите на сите минувачи. Еве, две години подоцна – 508 не е ништо помалку свеж, ништо помалку радикален.

Она што е навистина ново е она кое е „под кожата.“ Хибридниот погон комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили и 300 Nm вртежен момент со електромотор кој испорачува дополнителни 110 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Вкупната, системска моќност е 225 коњски сили и 360 Nm вртежен момент кои се пренесуваат кон предните тркала преку одличниот eATN8 автоматски менувач.

Поврзано:   Red Dot дизајн признанија за новите Peugeot 208 и Peugeot 2008!

Но што всушност значи сето тоа? Тоа значи дека ако е полна батеријата, 508 Hybrid може да помине до 54 километри на електрична енергија. Притоа, минималната потрошувачка на бензин може да биде само 1.3 литри на 100 изминати километри и емисијата на CO2 да биде 29 грама на изминат километар.

Звучи неверојатно? Можеби, но овие бројки се добиени во рамките на новите, WLTP тестирања и се сосем реални – полнете го вашиот 508 секоја вечер и секој ден ќе можете да поминете 50-тина километри на струја, а сигурни сме дека тоа е доволно за секојдневните потреби. Вреди да се напомене дека на струја можете да возите и при повисоки брзини – системот дозволува максимална брзина од 135 километри на час кога се вози само на електрична енергија.

Од друга страна, ни перформансите не се за потценување. Благодарение на сите тие коњски сили и вртежниот момент кој е достапен „од нула“, 100 километри на час пристигнуваат за 7.9 секунди, додека максималната брзина е 240 километри на час.

Уште поинтересен е 3008 Hybrid4!

Ден втори. Утрото започнува со појадок и брифинг, па седнуваме зад управувачот на Peugeot 3008 Hybrid4. Нашата рута нè води до едно интересно, несекојдневно место – Autódromo de Sitges-Terramar. Оваа овална тркачка патека е направена пред скоро 100 години – и пред скоро 100 години престанала да се користи. Но овалот нè предизвикува и иако нашите домаќини ни даваат инструкции „да не претеруваме“, сепак ја разбираат возбудата и „гледаат на другата страна“ кога покажуваме малку храбост со оваа несекојдневна, заборавена тркачка патека…

И некако, можеби чудно – но токму тука 3008 Hybrid4 ги покажува своите таленти. Формата и габаритот на 3008 дозволуваат вградување на два електромотори – па големиот SUV комбинира 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 180 коњски сили, со два електромотори – едниот поврзан на предните тркала, другиот на задните. Предниот испорачува 110 коњски сили, задниот дополнителни 112 коњски сили, а вкупната системска моќност е 300 коњски сили и 520 Nm вртежен момент – како и супер-напреден погон на сите четири тркала.

Поврзано:   Во салонот на Peugeot пристигна новиот 2008!

Овалот е спектакуларен. Истовремено е импозантно застрашувачки, но и привлечен, некако… Заводлив? Да, тоа е зборот. Заводлив. Се обидуваме, но не можеме да одолееме… Бетонот е стар и испукан, но го издржал тестот на времето. Лесно се постигнуваат „интересни“ брзини, а притоа, сензацијата дека нешто-со-аголот-не-е-баш-како-што-треба е.. Ќе речеме – уникатна!

Резултат на сета таа моќ и технологија која е „спакувана“ во 3008 Hybrid4 е забрзување до 100 километри на час за одлични 5.9 секунди и максимална брзина од 235 километри на час. Според WLTP мерењата, 3008 Hybrid4 може да помине до 59 километри на електрична енергија, и исто како и 508 Hybrid – да го направи тоа при брзини до 135 километри на час. А за да ги ставиме тие перформанси во некаков контекст – само ќе напоменеме дека спортскиот Peugeot 308 GTi кој има 280-коњски бензинец забрзува до 100 километри на час за рамно 7 секунди. Да, ова е голем, практичен, комфорен SUV со кој можете да провоцирате спортски автомобили на трките од семафор до семафор!

И повторно – исто како кај 508 Hybrid – потрошувачката на бензин може да биде екстремно ниска, односно само 1.3 литри на 100 изминати километри – но исто како и било кој друг хибрид, ако во денот не поминувате повеќе од 50-60 километри, можете да ги поминете на струја а потрошувачката на бензин да ја сведете „на нула.“

Плус, благодарение на иновативниот погон на сите четири тркала, 3008 Hybrid4 е исклучително компетентен и кога ќе го напуштите асфалтот – за што имавме можност да се увериме на краткиот теренски предизвик. Огромниот вртежен момент, во комбинација со погонот на сите четири тркала и ниското тежиште поради батериите, заедно придонесуваат кон теренски таленти кои ќе ги исполнат и надминат сите очекувања. Стрмните нагорнини и надолнини не се никаков проблем.

Поврзано:   Официјално: Peugeot 208 е Европски Автомобил на Годината за 2020

Секако – како и кај секој хибрид – постојат одредени предрасуди и недоразбирања. Плаг-ин хибридните возила не се за секого и си имаат свои недостатоци, но во реалноста се навистина добро и практично решение. Ако не поминувате повеќе од 50-тина километри на ден, можете да возите на струја – и да возите навистина евтино.

Од друга страна, комбинацијата од перформанси и врвна економичност се некако… Дури невообичаени. За време на возењето на големиот 3008, го возевме по секакви патишта и услови – и на асфалт, и надвор од него, и по регионални кривулести патишта (со поглед од кој застанува здивот), и по автопат – и на крајот, кога се вративме на стартната точка видовме просечна потрошувачка од само 6.6 литри бензин на 100 изминати километри. Неверојатно!

Домаќините од Peugeot ни кажаа дека на секој пазар каде ќе се нудат плаг-ин хибридните и електрични возила на брендот (а ќе се нудат и кај нас, очигледно) ќе биде направен договор со локален изведувач за вградување на полнач во домовите на купувачите – а со тоа драстично ќе биде скратено времето потребно за полнење. Односно – од Peugeot сакаат да кажат дека нудат целосно пакет-решение кое би требало да помогне да се надминат стравовите и предрасудите.

На некој начин, со плаг-ин хибридите директно ја гледаме трансформацијата кон електричната иднина. Нудат одлични перформанси и исклучителна економичност без никакво нарушување на практичноста. А нели токму тоа беше она кое сите ние го сакавме?

Галерија



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.