ТУРБО ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 180 GT-Line – Непогрешливо радикален! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 180 GT-Line – Непогрешливо радикален!

Радикалниот седан на Peugeot повторно кај нас – и тоа овој пат во врвно-опремената спортска GT-Line изведба и придвижувана од 180-коњски турбодизел.

Peugeot 508 е еден од најинтересните и најзабележливите нови автомобили кои во моментов се нудат на пазарот. Навистина не постои друг начин да го опишеме – едноставно, сите го забележуваат и сите му обрнуваат внимание. Тоа се случуваше и кога прв пат го возевме во Франција минатата година (каде Французите со огромна доза на гордост по улиците му креваа ентузијастички „палци нагоре“), тоа се случуваше и кога промотивно го возевме низ Македонија, тоа се случуваше и кога за прв пат го добивме 508 на поекстензивно тестирање – и тоа се случуваше и сега.

508 е веќе забележлив сам по себе – нo GT-Line го „навива до максимум“

И ако 508 е забележлив сам по себе, тогаш неговата GT-Line изведба го прави видлив до максимум. Големиот, широк француски седан (кој всушност е хечбек) претставува силуета која не може да се избегне – успех благодарение на GT-Line пакетот на опрема кој добива навистина многу ситници. Визуелно се издвојува преку спортската, хромирана предна маска, значките GT-Line на задните столбови и уште неколку детали – но најзабележлив не-баш-мал детал се големите, 18-инчни тркала обвиени во спортски пневматици кои идеално му прилегаат на нискиот 508.

Плус, „нашиот“ автомобил дојде со уште еден куп додатоци – загревање на ветробранското стакло, предни седишта со загревање и масажа, wireless полнење на мобилниот уред и многу, многу, многу повеќе – и тоа нè носи директно кон дискусијата за ентериерот…

Кабината на 508 е вистински кокпит

Ја отвораме возачката врата (и повторно, вратите се без рамки за прозорците и се толку, толку кул) и нè пречекува динамична кабина каде (повторно) главниот акцент го зема Peugeot i-Cockpit системот со двата големи екрани – едниот пред возачот, наменет за инструментите, а вториот на централната конзола преку кој се контролираат скоро сите функционалности на автомобилот.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Пристапот на Peugeot е интересен и храбар – и да, има одреден период на навикнување на контролите – но кога ќе се навикнете на нив стануваат прилично интуитивни. Сепак, останува забелешката дека на пример, не можете да ги гледате контролите за радиото и клима уредот истовремено, и дека најверојатно попрактични би биле конвенционални, физички контроли за некои од функционалностите.

Како што напоменавме и минатиот пат, 508 не е најширокиот автомобил во класата кога станува збор за простор на задната клупа – но тоа е цена која мора да се плати за да се добие толку привлечната форма. Истото го напоменуваат и дизајнерите од Peugeot и кажуваат дека биле од самиот старт подготвени да направат некакви компромиси, бидејќи сакале 508 да биде еден од најзаводливите автомобили во својот сегмент.

Но да бидеме искрени – тоа и не се големи забелешки.  Не кога 508 е толку интересен, толку привлечен, толку… Секси! Иако не сме преголеми фанови на црни автомобили, сепак на 508 му прилега црната боја – најверојатно заради ниската силуета. Едни колеги го нарекоа „француски Бетмобил“ и ќе признаеме дека малку им завидуваме што први имаа шанса да го наречат 508 со тоа име бидејќи – барем во оваа комбинација – името навистина му прилега.

Моќен турбодизел со убедливи перформанси

Под поклопецот го пронајдовме 2-литарскиот BlueHDI кој испорачува одлични 180 коњски сили при 3750 вртежи во минута и моќни 400 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. Според официјалните податоци „стотка“ пристигнува за 8.3 секунди – но во реалноста пеформансите се уште поубедливи – притиснете ја педалата за гас и 508 „се фрла“ нанапред со ентузијазам и енергичност кои во сите ситуации ќе постават насмевка на вашето лице. Во вистинскиот свет, разликите со 160-коњскиот BlueHDI кој го пробавме пред неколку месеци се очигледни, особено во меѓузабрзувањата.

Плус, 508 и понатаму е динамичен – и еден од најзабавните автомобили во класата за возење. Прецизноста на управувањето и одлично-нагодената шасија се наменети за оние кои сакаат да уживаат во секој момент поминат зад управувачот. Во ниту еден момент нема да забележите преференци ниту кон подуправување, ниту пак кон надуправување – насочете го 508 кон свиок и тоа е тоа – тој верно ќе ги следи вашите насоки. Суспензијата успева да ги елиминира несаканите вибрации, па и покрај големите тркала и спортските пневматици во кабината во ниту еден момент не е некомфорно.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

GT-Line го прави 508 да биде уште поинтересен и попривлечен

Полека-полека, да заокружиме. Не е тајна дека сме големи фанови на Peugeot 508. Кога го возевме „црвениот автомобил“ ни се потврдија заклучоците дека францускиот седан е несекојдневен и ги наградува оние кои сакаат да направат алтернативен избор. Сега повторно го донесуваме истиот заклучок, но ќе кажеме дека дополнителната опрема, поголемите тркала и помоќниот мотор го прават 508 уште поинтересен, уште позабавен, уште попривлечен. Баш каков што треба да биде.

Видео

Димензии

Спецификации

Модел: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 180 GT-Line
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.3 секунди
Максимална Брзина: 230 километри на час
Должина: 4750 mm
Ширина: 2079 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1403 mm
Тежина: 1530 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2793 mm
Багажен Простор: 487 – 1537 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 508 1.5 BlueHDI Active Stop & Start – 33.620 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 180 GT-Line – 39.950Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.