ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 160 Allure – Страшно фраерски! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 160 Allure – Страшно фраерски!

Конечно – поминавме неколку денови со новиот Peugeot 508 на домашен терен!

Новиот Peugeot 508 е скроз, целосно, тотално нов! Кога за прв пат се запознавме со 508 минатата година во Монако, новиот француски седан ни остави исклучително позитивен впечаток. Комбинацијата од супер-авангарден дизајн, свесно-радикални одлуки и храброста да се понуди навистина алтернативно решение во период кога купувачите не можат да се наситат на разно-разни кросовери и SUV модели резултира токму со она за кое зборуваме денес.

Ајде да одиме чекор по чекор – и прво да зборуваме за дизајнот. Храброста на Peugeot се гледа токму во одлуката да го направи 508 да биде купе со пет врати и да се бори со „естаблишментот“. Зошто го кажуваме тоа? Па, продажбата на седани во Европа е во континуиран пад, додека продажбата на SUV и кросовер модели расте – но кога зборувавме со французите минатата година, ни кажаа дека сакаат да градат целосно-нов однос со купувачите и да понудат вистинска алтернатива. Тоа не е лесно, и таквата одлука всушност ја истакнува долгорочната стратегија на Peugeot – да не се биде еден од многуте, туку да се биде храбар, доминантен и привлечен.

Купеовска линија, низок став, кул детали

Значи – купеовска линија, низок кров и став кој делува како 508 да е подготвен да скокне, да нападне. На предниот дел едноставно доминираат вертикалните дневни светла, додека страничната линија е ниска и притаена. На задниот дел главниот збор го имаат задните светла кои се трендовски споени –  дизајнерите на Peugeot дефинитивно му дале на 508 засебен, препознатлив лик.

Кул детали има насекаде – веќе ги споменавме предните светла, а тука е и амблемот 508 поставен на поклопецот на моторот – детал кој познавачите на постарите модели на брендот веднаш ќе го препознаат. Сепак – најкул момент на 508? Frameless вратите. Врати без рамки се кул, и тоа е тоа. Точка. Единствено – во нашите очи – 508 заслужува барем број-два поголеми тркала.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Кога седите во 508 е како да седите во борбен авион

Одиме понатаму – да зборуваме за кабината. Ќе прочитате коментари дека кабината на 508 е потесна во однос на конкуренцијата. Во ред, така е. Peugeot 508 не е замислен да биде најпросторната семејна лимузина – туку е замислен да биде динамичен и интересен – а данокот е земен во форма на нијанса помал простор во внатрешноста. Сепак, на предните седишта има сосем доволно простор, додека на задната клупа опаѓачката кровна линија го прави влегувањето и излегувањето малку покомплицирано – но штом сте внатре ќе најдете сосем доволно простор.

508 ја добива најновата интерпретација на i-Cockpit филозофијата на Peugeot – а тоа значи два големи дисплеи. Едниот на централната конзола, другиот над управувачот – и оној, контраверзниот мал управувач. Сепак – во реалноста, многу лесно се навикнувате на оваа конфигурација и за само 10-тина минути станува сосем нормална работа. Дигиталните дисплеи се светли и со висока резолуција, а низ целата кабина има мал милион одлични детали кои го задржуваат вниманието. Стартувањето е на копче – секако – а режимите за возење се одбираат на прекинувач поставен пред рачката од автоматскиот менувач.

Плус, седењето е ниско и зад управувачот имате чувство како да сте во картинг – или пак во авион-ловец. Или Ентерпрајз, вие одберете. Ергономијата е генерално добра – но сепак имаме некои забелешки. На пример – не можете да гледате контроли за радиото и клима-уредот истовремено, а и поради некоја чудна причина на секое стартување на автомобилот мултимедијалниот уред „забораваше“ дека слушаме музика од телефон преку Bluetooth и се враќаше на радиото.

Багажниот простор е достапен преку супер-практична петта врата, па пристапот е многу лесен. Капацитетот е нијанса помал од конкуренцијата – но сепак имате на располагање скоро 500 литри багажен простор со исправени, односно повеќе од 1500 литри со спуштени задни седишта.

160-коњскиот BlueHDI и автоматскиот менувач се идеалната комбинација за 508

Инаку, комбинацијата од моќниот, 2-литарски BlueHDI турбодизел и 8-брзинскиот автоматски менувач се покажа како „саливена“ за нашиот тестен автомобил. Моторот испорачува 160 коњски сили при 3750 вртежи во минута и од-лич-ни 400 Nm вртежен момент од 2000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку – како што рековме – 8 брзински автоматски менувач а резултат на сето тоа се само 8.4 секунди до „стотка“ и максимални 230 километри на час.

Поврзано:  Новиот Peugeot 3008 пристигна во Македонија!

Официајлните податоци зборуваат за потрошувачка од 5.5 литри на 100 изминати километри во градски услови – но сепак во реалноста можете да очекувате некаде меѓу 7 и 8 литри на 100 изминати километри во град. Моторот повлекува моќно скоро во сите ситуации, а воопшто нема да приметите дека старт-стоп системот работи. Екстра колачиња за инженерите на Peugeot, за добро завршената работа!

Конечно – ајде малку за динамичноста, за која цело време зборуваме. Вистината е дека новиот 508 е навистина забавен за возење. Подготвеноста со која ја менува насоката на движење, како и целото чувство во кабината некако како да сугерира дека возите помал автомобил – а тоа е одличен успех. Големиот седан (или хечбек, ако веќе навлегуваме во техникалии) се однесува прилично неутрално и нема наклонетост ниту кон подуправување, ниту кон надуправување. Мораме да истакнеме дека динамичноста не резултира со нарушен комфор – дури и по нашите улици 508 се однесува достоинствено.

Секако – и не би ни очекувале да биде поинаку – Peugeot 508 освои максимални 5 ѕвездички на EuroNCAP тестирањата за безбедност. Стандардно доаѓа со целата гама на системи за активна и пасивна безбедност на Peugeot – навистина нема потреба да ги споменуваме ABS, ESP и малиот милион други акроними, како и целата постелнина од воздушни перничиња.

Сè на сè – 508 е страшно фраерски автомобил!

Океј, да сумираме – новиот 508 е модерен, авангарден и комфорен. Дури – би рекле дека е секси. Онаа комбинација од храбар дизајн и самоуверен пристап кон нештата се покажува како победничка. Страшно фраерски, браво!

Видео

Димензии

Спецификации

Модел: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 160 Allure
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 160 коњски сили / 3750 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 2000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.4 секунди
Максимална Брзина: 230 километри на час
Должина: 4750 mm
Ширина: 2079 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1403 mm
Тежина: 1530 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2793 mm
Багажен Простор: 487 – 1537 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Peugeot 508 1.5 BlueHDI Active Stop & Start – 33.620 Евра
Цена на тестираниот модел: Peugeot 508 2.0 BlueHDI 160 Allure – 38.460 Евра
Повеќе Информации: Peugeot.mk
Поврзано:  Два Peugeot 9X8 хипер-автомобили ќе се натпреваруваат и на овогодинешниот Le Mans!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.