Интервју: Тони Трајкоски од Toyo Tires – Цената во однос на квалитетот е нашата главна одлика – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Интервју: Тони Трајкоски од Toyo Tires – Цената во однос на квалитетот е нашата главна одлика

Toyo гумите им се познати на оние кои сакаат гуми со високи перформанси – па на самиот почеток на летната сезона ја искористивме можноста да позборуваме со Тони Трајкоски од Еуроимпекс – човекот кој е одговорен за Toyo на нашиот пазар.

Здраво Тони! Ајде да ја започнеме дискусијата со прашањето – од каде идејата Еуроимпекс да стане увозник за Toyo во Македонија?

Нашата компанија е безмалку 30 години присутна на македонскиот пазар, како застапник на 9 познати светски брендови, а секако најпозната како генерален увозник на Peugeot автомобилите. Од друга страна, Еуроимпекс е веќе неколку години и регионален увозник за Брендот Peugeot, за пазар кој опфаќа 5 држави од регионот. Помеѓу останатото, на српскиот пазар го застапуваме и Mitsubishi брендот, а Mitsubishi Corporation на глобално ниво е дoминантен сопственик на Toyo Tires. Па оттука се роди и идејата за застапништвото за Toyo Tires во Македонија.

Соработката започна многу едноставно, довербата која ни беше укажана, познавајќи го добро авто-мото бизнисот и пазарот на кој со години работиме за нас беше само уште еден предизвик превземањето на нов Бренд со долгогодишна традиција и позитивен имиџ во јавноста. Навистина е задоволство да се работи и промовира јапонскиот Бренд Toyo Tires на нашиот пазар токму поради многуте барања и позитивни коментари од страна на клиентите.

Предизвик е да се пласира нов бренд на македонскиот пазар и да ја имаме целата подршка на сопствениците, раководителите и колегите од Еуроимпекс. Но, во моментов постигнатите резултати на Toyo Tires воглавно се темелат на двајца членови. Јас, како раководител на секторот и мојот колега Звонко Крстевски, со кој имаме за цел во иднина да ја зголемиме продажбата на Toyo Tires во Македонија ја и да го прошириме тимот во согланост со потребите на Брендот.

Кажи ни нешто повеќе за програмата на Toyo –  какви сè типови на пневматици можеме да најдеме кај овој јапонски бренд?

Би започнал со информацијата дека Toyo Tires развива една од најагресивните и сеопфатни програми за тестирање во индустријата. Во склоп со производните капацитети егзистира и напреден технички центар за развој на нови иновативни технологии во производството на гуми, како и неколку тест центри, каде се контролираат квалитетот и перформансите на сите модели на Toyo Tires. Програмата со која Toyo Tires е застапен во делот на гуми за патнички возила, потоа во SUV/4х4 сегментот, а исто така и во категоријата на лесни товарни (комерцијални) возила.

Како специфичен дел, би ги навел гумите од „semi racing“ категоријата, по кои Toyo е препознатлив кај оние кои бараат „гуми за на патека“. Секако, во сите споменати категории располагаме со зимски и со летни модели, како и неколку модели на гуми за сите сезони, а исто така и еден модел кој е со назнака POR (Professional Off Road) т.е. гума специјална за терени и не асфалтирани патишта.

Нашиот пазар на гуми е прилично конкурентен – како се позиционирани Toyo гумите во однос на квалитетот и перформансите на нашиот пазар?

Фактите за одличниот квалитет и перформанси на Toyo гумите се неспорни, ако земеме во предвид дека станува збор за бренд и производ кој доаѓа од Јапонија, а кај нив, верувајте нема компромис кога е квалитетот и пред се безбедноста во прашање. Доказ за сè ова што го кажувам се огромниот број на наши задоволни корисници, кои веќе за овие неколку години ги опремуваат своите возила со втор сет на Toyo гуми, на што сме особено горди.

Точна е констатацијата дека македонскиот пазар е доста конкурентен, но јас би додал и дека е преплавен со брендови и модели на гуми кои се со полоши својства, а ќе бидам слободен во говорот па ќе кажам, и со недоверлив квалитет. Секако тука доаѓаме до економскиот момент т.е. куповната моќ на нашите клиенти, што е најчесто пресудна при изборот на гуми за своите возила. Токму тука сакам да ја нагласам предноста на Toyo Tires.

Имено, Toyo гумите со својот квалитет и перформанси се веднаш, рамо до рамо, со премиум брендовите, а ценовно сме позиционирани пониско од нив, поточно помеѓу достапните, буџет брендови и премиум класата.

Што кажуваат од Toyo – кога е најдобро да се заменат зимските со летни гуми и обратно, за најдобро да се заштитат и подолго да траат?

Ова прашање секогаш предизвикува дилеми кај нашите возачи. Најпрво, би сакал да напоменам дека кај нас во Македонија, за разлика од повеќето земји во регионот, сè уште не постои законска регулатива за задолжително возење со зимски гуми во зима, што според мене не е во ред. Верувам дека и оние кои не се занимаваат со оваа проблематика, знаат дека зависно од надворешните температурни услови, перформансите на гумите се сосема различни, впрочем заради тоа и постојат зимски и летни гуми.

Теоретски, препораката вели дека преодна температура кога треба да се сменат гумите е некаде 7о до 8оС, што значи, под неа треба да стават и возат зимски гуми, а нешто над оваа температура, веќе е време за летни гуми. Кај нас обично праксата за промена на гумите е поврзана со законската регулатива за задолжителна зимска опрема која трае од 15 ноември до 15 март. Донекаде и тоа е во ред, знаејќи ја климата во нашата земја.

Тукушто започна сезоната на летни гуми – кои се најбараните модели на Toyo и зошто токму тие модели се популарни кај нас?

Летната сезона е во тек, а согласно тоа ние на нашите клиенти им нудиме летна акција за Toyo Tires гуми со – 30% + бесплатна монтажа и балансирање. За најбрзите купувачи имаме и подарок Toyo Outdoor сет.

Како најбаран модел во гамата веднаш прва на почеток би ја спомнал Toyo Proxes CF2, тоа е нашата најпродавана гума во патничкиот сегмент, и тоа во онаа најшироко распространета класа на возила кои се возат кај нас, и се опремени со 15, 16 и 17 инчни фелни. Карактеристично за неа е нагазната површина на гумата изработена од силиконска компонента, која се карактеризира со одлично прилепување на патот, а од друга страна нуди долготрајност и отпорност на абење. За премиум класата на возила нудиме и гума со ултра високи перформанси (UHP), а тоа е моделот Toyo Proxes Sport, и исто така Toyo Proxes Т1 Sport SUV, нормално за SUV/4х4 класата на возила.

Кога сме кај овие возила, морам да гo споменам и Toyo Open Country со двете свои варијанти АТ Plus и MT, гуми за љубители на Off Road и возење во комбинирани услови, кои нудат одлични перформанси во секакви услови на патот. Секако дека го опфаќаме и сегментот на помалите возила, тука ја имаме идеалната за тие возила Toyo Nano Energy 3, која е во тренд со стандардите за заштита на животната околина, со сосема пристојна цена за 13 и 14 инчни гуми.

На крај, нема да го изоставам и Toyo Proxes R888R, нашиот адут за трки, гума добро позната кај оние кои возат малку „понеобично“.

6. Конечно – зошто Toyo?

Она што веќе го спомнав, кажано поедноставно: Наша главна одлика е идеалниот сооднос – цена во однос на квалитет! Сакам да испратам порака до нашите потенцијални купувачи, дека со изборот на Toyo гуми, го добиваат најдобриот јапонски квалитет, по најдобрата можна цена соодветна на него. Секако, за повеќе информации, тимот на Toyo Tires стои на располагање.

Му се заблагодаруваме на Тони за одвоеното време и му посакуваме и понатамошен успех со гумите на Toyo! За повеќе информации посетете ја веб-страницата на Toyo, или нивната Facebook страница.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.