full screen background image
Search

Радикалниот Peugeot 508 пристигна и на македонските патишта

Пред само ден-два имавме одлична можност повторно да седнеме зад воланот на новиот Peugeot 508 – и тоа овој пат на нашите патишта.

Нашите пријатели од Еуроимпекс – компанијата застапник за Peugeot на територијата на Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Албанија – организираа повторно запознавање со новиот 508, и тоа овој пат на македонските патишта. Цел на нашето возење беше еднодневна екскурзија од Скопје до Битола, каде имавме можност да го запознаеме и новиот тамошен дилер на Peugeot – 365 Ауто.

Господинот Томислав Нафидов – регионалниот директор за продажба во Еуроимпекс – ни кажа дека „работиме на проширување на нашата дилерска мрежа и очекуваме значително да го зголемиме бројот на продадени возила во југозападниот дел од земјава“, а господинот Тони Коминовски од 365 Ауто се надоврза и додаде дека “Peugeot e брендот кој максимално нè воодушеви во секој поглед – квалитетот, дизајнот, повратната вредност и пост-продажната услуга.“

Инаку, ние веќе го познаваме новиот 508 – бевме меѓу првите во светот кои седнаа зад управувачот на новиот радикален француски автомобил минатата година во Монако. Уште тогаш, 508 нè импресионираше како со експресивниот дизајн, така и со луксузниот ентериер и моќните мотори. Битолчани и Широк Сокак се покажаа како одлични домаќини, а францускиот седан ги привлекуваше погледите на сите минувачи по легендарното битолско шеталиште.

Не смееме да заборавиме ниту на моторите – овој пат, на располагање имавме два турбодизели и два турбо-бензинци. Еден турбодизел со 160 и еден турбодизел со 180 коњски сили, како и две варијанти на 1.6-литарскиот турбо-бензинец – едната со 180, другата со моќни 225 коњски сили. Автомобилите кои ни беа понудени беа во повисоките нивоа на опременост – Allure и GT-Line, а моќниот 225-коњски турбо-бензинец беше во врвната GT изведба.

Поврзано:   Во Француската Амбасада беше прославен денот на Peugeot 404

Како и во Монако, така и во Македонија, Peugeot 508 остава одлични впечатоци. Она што изненадува е подготвеноста на суспензијата да се соочи со – и да ги надмине – типичните нерамнини од нашите патишта, но истовремено да понуди динамично, дури спортско управување. Префрлете во Sport режим и автомобилот едноставно се буди – управувањето станува поцврсто, менувачот реагира поподготвено и секое притискање на педалата за гас резултира со инстантно приближување до хоризонтот.

Амбициите на Peugeot да граби кон повисоките сегменти се неизбежни – францускиот бренд јасно и гласно кажува каде припаѓа, а со модели како 508, тоа е сосем јасно и потврдено. Цените започнуваат од 33.620 Евра, за Peugeot 508 1.5 BlueHDI Stop & Start со 130 коњски сили во Active ниво на опрема. Врвниот 508 GT со 1.6-литарскиот PureTech со 225 коњски сили во GT изведба чини 49.510 Евра. Секако, наскоро ќе пренесеме уште подетални впечатоци од Nouvelle 508 Berline, кога ќе го добиеме автомобилот на подетално тестирање.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.