Ford Focus и официјално е Автомобил на Годината во Македонија за 2019! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford Focus и официјално е Автомобил на Годината во Македонија за 2019!

Вчеравечер во хотелот Александар Палас официјално беа доделени наградите и признанијата врзани со изборот за Автомобил на Годината во Македонија.

Националното жири за избор на „Автомобил на годината во Македонија“ ги додели признанијата за Автомобил на Годината, како и признанијата за „СУВ на годината“ и „признанието Томислав Биљарац“ за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија.

По анализатa на сите својства на возилата кои беа избрани како финалисти и по практичното запознавање со возните карактеристики, членовите на Националното жири за Избор на Автомобил на годината во Македонија, титулата ја додели на новиот Ford Focus.

„Според мислењето на Националното стручно жири, возните својства, современата палета на Euro 6d Temp мотори, високото ниво на основна опрема и одличната изработка, беа областите во кои Ford Focus беше оценет со највисоки оценки освојувајќи така вкупно 69 поени. Тоа беше доволно да ја освои престижната титула пред останатите финалисти“ – изјави Горан Антевски, претседателот на Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Макеоднија. Новиот Ford Focus и нам ни е добро познат – го возевме на светската презентација во Франција, а потоа во Македонија го возевме во луксузното Vignale издание, како и во Titanium изведба со одличниот 1-литарски EcoBoost со 125 коњски сили.

Со оглед на популарноста на возилата од SUV сегментите, значајно е и признанието за „SUV на Годината“, која оваа година отиде кај Citroen C5 Aircross. Ние неодамна имавме можност да го запознаеме новиот C5 Aircross на презентацијата на патеката НАВАК во Србија.

Националното Жири за Избор на автомобил на годината во Македонија годинава по вторпат го доделува и признанието „Томислав Биљарац“, во чест на доајенот на македонското автомобилско новинарство, основач и прв претседател на Националното жири за Избор за автомобил на годината во Македонија. Наградата се доделува за посебни придонеси и резултати во автомобилската индустрија, а одлуката на Националното Жири за избор на автомобил на годината во Македонија е признанието „Томислав Биљарац“ за 2019 година да му биде доделена на Стерули Бураку. Признанието во негово име го подигна неговиот син, Кочо Бураку.

Им честитаме на победниците!

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.