full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 Titanium Business – Па бензинец, како поинаку?

Новиот Ford Focus и неговиот 1-литарски турбо-бензинец со 125 коњски сили се одлична причина за конечно надминување на некои предрасуди – па токму затоа поминавме неколку снежни денови токму со оваа верзија на популарниот хечбек.

Новиот Ford Focus ни е еден од омилените автомобили во неговата класа. По запознавањето со Focus ST-Line и Titanium за време на официјалната презентација во Франција, па дружењето со луксузниот Focus Vignale „на домашен терен“, сега имавме одлична можност да поминеме неколку снежни денови токму со можеби најконтраверзната верзија на новиот хечбек – Focus 1.0 EcoBoost 125.

Focus EcoBoost е контраверзен на свој начин

Зошто контраверзна верзија? Па има тука некои работи за кои треба да зборуваме и конечно да надминеме некои стереотипови и предрасуди. За време на неколкудневното дружење со Focus EcoBoost, еден од најчестите коментари беше „Еј, 1-литарски мотор во толкава кола? Па ќе може ли да мрдне таа кола?“, а веднаш зад него беше прашањето „Ама сигурно многу троши, нели?

Ајде, еден по еден. Првиот коментар се однесува на капацитетот на моторот. Драги наши – па има зошто токму 1-литарскиот EcoBoost на Ford неколкукратно ја освојуваше титулата за мотор на годината во својата категорија. Малиот EcoBoost испорачува одлични 125 коњски сили при 6000 вртежи во минута, како и 170 Nm вртежен момент во распон од 1400 до 4500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку супер-прецизен 6-брзински менувач – и кога на сето тоа ќе ја додадеме ниската тежина од само 1247 килограми, математиката е одлична.

Поврзано:   ПРЕМИЕРА: Ford Mustang Mach-E е модерен електричен SUV!

Focus во оваа комбинација забрзува до 100 километри на час за 10 секунди, а максималната брзина е 200 километри на час. Секогаш сме го имале ставот дека секој автомобил кој може да забрза „до стотка“ за 10 или помалку секунди е сосем доволно брз – и токму тоа е приказната и тука. Плус, меѓузабрзувањата се сосем уверливи, а ниту звукот од три-цилиндерскиот турбо-бензинец не е лош.

Ајде сега за потрошувачката…

Значи, првото прашање го одговоривме. Да, моторот може лесно „да го мрдне“ автомобилот.

Сега, прашање број два – каква е потрошувачката? За среќа, мерачот за долгорочна потрошувачка не беше „ресетиран“ на нашиот тестен модел – и за околу 1500 изминати километри, таа беше рамно 7 литри на 100 изминати километри. За време на нашето тестирање решивме да експериментираме и да пробаме која е најниската потрошувачка која би можеле да ја постигнеме – и во градски услови таа беше меѓу 6.5 и 7 литри на 100 километри со внимателно возење, односно се искачи на околу 8.5 литри со подинамично возење. Па ајде сега да бидеме искрени – тоа не е воопшто лошо, нели?

Значи, ги одговоривме прашањата кои ни ги поставија скоро сите кои нè прашаа за новиот Focus. Секако, вреди да напоменеме дека ги добиваме сите оние придобивки со кои Focus веќе нè освои – модерниот дизајн, супер-динамичното управување (да, тука Focus продолжува да биде на самиот врв во класата), комфорната и тивка кабина и врвната практичност. Titanium Business опремата значи дека нашиот Focus дојде со паркинг сензори, систем за навигација, систем за предупредување од можен преден судар, асистенција за сопирање, препознавање на пешаци и велосипедисти, следење на коловозната лента, сензор за дожд, електрохроматски ретровизор и уште многу, многу други ситници – ситници кои живот значат.

Поврзано:   ВОЗЕВМЕ: Ford Focus ST - Супер-жежок хот хеч!

Ги разбираме „стравовите“ на купувачите – цените на горивата флуктуираат и сите сакаат автомобил кој „не е трошаџија“. Токму затоа авто-индустријата инвестира во сè поефикасни мотори – мотори кои на некој свој начин треба да го понудат најдоброто од двата светови – и задоволителни перформанси, и одлична економичност. Тоа е сериозен предизвик, но секојдневно сме сведоци за мотори и автомобили кои успеваат во тоа. На крајот на денот, заклучокот е прилично едноставен – Focus 1.0 EcoBoost 125 е подготвен да ги надмине предрасудите кои луѓето ги имаат за бензинците – и ќе изгледа одлично додека го прави тоа.

Видео

Спецификации

Модел: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 Titanium Business
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 125 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 170 Nm / 1400-4500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4378 mm
Ширина: 1979 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1454 mm
Тежина: 1247 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2700 mm
Багажен Простор: 375 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Focus 1.5 TiVCT Trend – 17.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Focus 1.0 EcoBoost 125 Titanium Business – 25.710 Евра
Повеќе Информации: ford.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.