ТЕСТ: Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCI 4X4 – Сè е поголемо во Тексас! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCI 4X4 – Сè е поголемо во Тексас!

Американскиот фолклор неретко зборува дека едноставно – сè е поголемо во Тексас. Во ред, Ranger не потекнува од Тексас, но Ford е американски бренд!

Сме кажале порано, ќе кажеме повторно – едноставно, ги сакаме пик-ап возилата. Имаат некаква харизма и некаков дух кој едноставно… Само тие го имаат! И одамна не се обични утилитарни машини туку низ годините станаа вистински сèнаменски суперхерои. Да, можат да бидат одлични бизнис-партнери за многу различни индустрии, но истовремено можат да бидат и доверливи, способни другари за оние моменти кога ќе снема асфалт. И да, Ford Ranger е еден од најдобрите.

Но полека, полека, пред да зборуваме за сето тоа, ајде малку за Ranger. Новиот (кој е на пазарот од 2023) Ford Ranger не само што продолжува онаму каде минатиот Ranger застана, туку сега ги турка работите кон вистински екстреми. Па така, гамата ја сочинуваат утилитарниот XL, нешто поцивилизираниот XLТ (за кој ќе зборуваме денес), софистицираниот Wildtrak и моќниот, спортски Raptor. За секого по нешто.

Самоуверен, американски пик-ап!

Ranger XLT е „златната средина“ во цивилната (или цивилизираната, ако сакате, бидејќи Ranger Raptor е сè освен цивилизиран) гама на Ranger. Да, формата е препознатлива и типична за пик-ап, но оваа верзија добива браници во боја на каросеријата, алуминиумски тркала, светла за магла и уште неколку други додатоци кои го издвојуваат од утилитарниот XL.

И да, уште на прв поглед се препознава американската самоувереност на Ranger. Нема бегање од вистината дека е голем пик-ап (кој едвај, или неретко и не го собира во стандардно паркинг-место), а големата предна маска едноставно доминира во појавата. Профилот е типичен за пик-ап, со таканаречена Double Cab каросерија и огромен товарен простор (долг 1613 милиметри, широк 1413 милиметри и носивост до одлични 1022 килограми).

Поврзано:  Јубилејното, 25-то издание на AUTOBEST наградите се одржа во Виена!

Од Ford гордо напоменуваат дека во товарниот простор лесно собира евро-палета. Ние би додале дека лесно пренесува и многу гајби пив.. сок!

Се качуваме во кабината и…

Кога ја отворивме возачката врата и се качивме во кабината (да, се качивме) добредојде ни посака изненадувачки комфорна и цивилизирана атмосфера. Во ред, јасно е дека фокусот е кон робустноста и издржливоста, но истовремено во кабината е комфорно и прегледно.

Но робустноста пред сè. Сите команди и контроли се масивни и лесни за користење дури и со работнички ракавици, а високото седење гарантира одлична прегледност и покрај димензиите на Ranger. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола има голем, вертикално-поставен мултимедијален уред со најпотребните функционалности (и безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување). Ја поздравуваме одлуката да се задржат физички контроли и копчиња за некои од функционалностите – клима-уредот и режимите на возење, на пример.

Обично во ваквите возила, направен е огромен компромис во однос на комфорот на задните седишта. Со задоволство можеме да пријавиме дека кај Ranger  не е така. На задната клупа не се седи премногу исправено (како кај некои од конкурентите), а има и навистина доволно простор.

2-литарски турбодизел, погон на сите четири тркала

И добро, како е зад управувачот? Пред да зборуваме за тоа, но и за правилно да ги пренесеме впечатоците, ајде да зборуваме за моторот. Под предниот поклопец се крие 2-литарски, четири-цилиндерски турбодизел кој испорачува 170 коњски сили при 3500 вртежи во минута и одлични 405 Nm вртежен момент од само 1750 вртежи во минута.

Поврзано:  Ready, Set, Ford! - Синиот Овал ќе лансира седум нови модели во Европа

Силата стандардно се пренесува кон задните тркала, но може да оди и кон сите четири тркала, а тука е и 4L режимот и блокадата на задниот диференцијал за вистински теренски предизвици.

Стабилен на пат, незапирлив вон него

Добро, добро, како е на пат? Па на нормален асфалтиран пат – нормално. Ranger е голем, но се однесува цивилизирано и возењето е комфорно. Непотребно е да зборуваме дека суспензијата на Ranger ги филтрира сите нерамнини од нашите улици, но ќе го пофалиме неговиот карактер на отворен пат – дури и на автопатски брзини, Ranger се однесува културно и стабилно. Да, во ред, во кабината може да биде побучно се движиме побрзо, но ова е пик-ап!

Но Ranger е на свое кога ќе стигнете до крајот на асфалтот. Дури и во 4H режим, без никаква потреба од редуктор или блокада на диференцијалот, Ranger едноставно оди онаму каде ќе го насочите.

Одличното растојание од подлогата од 230 милиметри значи дека лесно се совладуваат и повисоки препреки, а неуморниот турбодизел го турка Ranger нанапред без никакво приговарање. Аголот на пристапување е 32 степени, аголот на прекршување е 24 степени а аголот на заминување е 24 степени, а може да помине низ вода длабока 800 милиметри.

И сето ова е проследено со прифатлива, дури и изненадувачки ниска потрошувачка. Низ град измеривме потрошувачка на дизел од околу 10 литри на 100 изминати километри – а тоа воопшто не е лошо за ваков мулти-талентиран пик-ап.

Како што рековме…

Да заокружиме. Ranger е голем, комфорен, практичен и… Неуморен. Незапирлив. Не е за сите, секако, но за оние на кои навистина им треба – тешко е да се најде замена. И да, голем е – но како што рековме, сè е поголемо во Тексас!

Поврзано:  Јубилејното, 25-то издание на AUTOBEST наградите се одржа во Виена!

Спецификации

Модел: Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCI 4X4
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 170 коњски сили
Вртежен Момент: 405 Nm
Менувач: Мануелен, 6 брзини
0-100 км/ч: 11.6 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 5350 mm
Ширина: 2208 mm (со ез странични ретровизори)
Висина: 1886 mm
Тежина: 2314 килограми
Меѓуоскино Растојание: 3279 mm
Багажен Простор: Неограничено многу литри
Потрошувачка: 10 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCI 4X4 – 51.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Ford Ranger XLT Double Cab 2.0 TDCI 4X4 – 44.900 Евра (со вкалкулиран попуст)
Повеќе Информации: Ford.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.