full screen background image
Search

ТЕСТ: Lexus ES300h – Храбрата страна на луксузот

Новиот Lexus ES има важна задача – не само што треба да се бори со докажана конкуренција во сегмент каде нема простор за грешки, туку треба да го прави тоа на еден поинаков, несекојдневен начин. Токму затоа поминавме неколку дена со хибридниот ES300h.

Кога зборуваме за луксузните автомобили од оваа или онаа класа, неизбежно „муабетот“ започнува со некој од моделите на германското трио. И ова е во ред – едноставно, така сме навикнати. И токму затоа, кога нов модел ќе дојде да се бори со Ze Germans, тој не само што ни го привлекува вниманието, туку можеби настапуваме уште построго кон него – без разлика од каде доаѓа.

Токму седаните ги поставуваа правилата, и време е тоа да се врати!

Денешниот натпреварувач… Или, ако сакате – предизвикувач – доаѓа од далечниот исток. Поточно, доаѓа од Lexus – премиум огранокот на Toyota – и доаѓа со став кој станува сè поредок во класата. Големите, тешки, мамутски спортско-корисни возила ги заменуваат седаните, а токму седаните своевремено ги поставуваа правилата. Купувачите ги забораваат придобивките од добар и комфорен седан и се почесто ги одбираат високата седечка позиција и доминантноста на еден SUV.

За среќа – овака или онака – седаните се уште „се држат“. Иако не во истата мера како до пред неколку години, купувачите се уште ги почитуваат и ги купуваат. Секако, потребна е храброст – па и одредена доза на индивидуалност – да се заобиколат трендовите и „околинскиот притисок“ да се купи SUV, и да се избере седан. Токму затоа производителите на премиум возила – меѓу кои секако го вбројуваме и Lexus – наоѓаат начини да ги направат седаните попривлечни и поинтересни за купувачите, како и да понудат некоја дополнителна вредност кога токму тие ќе бидат избрани.

Нова генерација, нова платформа, нов хибриден погон

Тоа – полека но сигурно – нè води точно до денешниот „кандидат“. Lexus ES300h е сосем нова генерација на популарниот седан. Всушност, верувале или не, ова е седма генерација нa ES и јапонскиот производител одлучи токму оваа генерација да ја направи „глобален“ модел. Поставен е на најновата генерација на GA платформата на Toyota, која во оваа изведба се нарекува GA-K и со неа добива неколку навистина интересни придобивки.

Поврзано:   Lexus подготви лимитирана серија од купето LC

Меѓу сите нив, најверојатно најинтересен новитет е најновата генерација на хибридниот погон на Toyota. Во оваа изведба комбинира 2.5-литарски 4-цилиндерски бензински мотор кој го користи Аткинсоновиот циклус, како и електромотор и батерија. Системската моќност е 215 коњски сили кои ги пренесува преку најнова генерација на CVT менувачот на Toyota и Lexus кон предните тркала. Особено е интересен новиот CVT менувач кој користи „фиксна“ прва брзина за стартување и задвижување, а со тоа целосно го елиминира „гумениот“ ефект кој знаеше да предизвика негодување кај купувачите и возачите. Чувството кое го нуди новиот погон е далеку „поприродно“ и уживањето во возењето е подигнато на сосем поинакво ниво.

Перформансите се достапни во било кој режим – едноставно ја притискам педалата за гас и големиот седан подготвено реагира. Сето тоа резултира со „стотка“ за 8.9 секунди и максимална брзина која е електронски ограничена на 180 километри на час. Во ред – а колку троши – сигурно ќе прашате. За време на нашето тестирање, во градски услови потрошувачката едвај надмина 7 литри на 100 изминати километри во градски услови. Сето тоа оди рапа под рака со местото каде Lexus ES вистински поентира – рафинираноста и меѓузабрзувањата – едноставно, ова е едно од најкомфорните места во кои можете да седите.

Беспрекорна кабина – јапонскиот „мајсторлук“ доаѓа до израз

Тоа сосем добро нè „воведува“ во дискусија за кабината. Секогаш повторуваме дека Lexus прави едни од најдобрите кабини во индустријата – и повторно, тоа го добиваме и со ES. Предните седишта се меѓу најкомфорните во класата, скоро сите материјали кои се користени се врвни, а завршната обработка е… Едноставно, мајсторите на Lexus си ја знаат работата.

Плус, ни се допаѓа паметната одлука на Lexus да задржи физички копчиња за некои од главните контроли во кабината – кога супер-тренди огромни екрани ги заменуваат физичките контроли, и кога морате да го тргнете погледот од патот само за да ја зголемите или намалите температурата на клима-уредот, дури е освежувачки да имате независни, физички контроли за таквите работи. 10.. Не, 12 поени за Lexus!

Поврзано:   ТЕСТ: Lexus UX 250h AWD Luxury Premium - Срце, разум, сеедно...

Всушност, ова е една од најтивките и најрафинираните кабини во класата. Инженерите на Lexus имале една конкретна цел – а таа била да направат автомобил кој ќе биде беспрекорно комфорен во што е можно повеќе услови. Таа мисија започнува со игнорирање на сите оние кои „не можат да затнат“ со времиња на Nurburgring и слични незначајни-во-реалниот-свет метрики, и да се концентрираат на звучната изолација, комфорот, просторот и рафинираноста.

На задната клупа има рекордно многу простор за нозете, а сосем доволно простор и за главите на патниците. Седиштата се со одлично-погоден агол на наслонот и лесно се наоѓа комфорна позиција. Дизајнерите и инженерите имале мисија да го направат ES комфорен, и верувајте – успеале во тоа. Кабината на Lexus ES300h е прекрасно место за минување многу, многу километри.

Дизајнот е многу повеќе од храбар – дизајнот е супер-модерен и се издвојува (in a good way!)

А додека ги минувате тие километри, ќе изгледате навистина добро. Во ред, дизајнот на Lexus не е по сечиј вкус – но во нашите очи, моделите на јапонскиот бренд храбро се издвојуваат од околината и изгледаат одлично. Гледан директно од напред, неизбежен е предаторскиот лик на ES300h – широките и остри предни светла, како и големата маска на ладилникот му даваат на јанпоскиот седан динамичен лик кој едноставно се наметнува меѓу малиот милион други, анонимни седани. Профилот е чист и јасен, а на задниот дел се издвојуваат задните светла и задниот спојлер кој иако е прилепен до вратата на багажниот простор, сепак изгледа како да лебди.

Секако, Lexus не би бил Lexus доколку не ги нуди сите модерни системи и технологии – па покрај адаптивниот темпомат, ќе добиете цела лепеза на системи за активна и пасивна безбедност, сензори, камери и уште мал милион други додатоци. Повторно ќе ги пофалиме седиштата кои беа со загревање и со вентилирање, а одлично работат и LED предните светла кои „гасат“ одредени делови од светлината кога ќе забележат дека доаѓа автомобил во спротивната насока. Мултимедијалниот уред на Lexus е малку неконвенционален и има одредена крива на учење и навикнување – но кога ќе се навикнете на него, тој интересниот интерфејс кој е сличен на „мауспед“ на лаптоп станува лесен за секојдневна интеракција.

Поврзано:   Lexus подготви лимитирана серија од купето LC

Рафинираноста и удобноста го имаат главниот збор – и токму затоа ES300h е логичниот избор

И сега, конечно, каде е Lexus ES300h? Па, да го одговориме тоа прашање вака – од Lexus кажуваат дека хибридниот систем кој се нуди кај ES300h е интелигентна алтернатива на дизелот – и ние мораме да се согласиме со нив. Со новиот хибриден погон инженерите на Lexus успеале да ги надминат сите забелешки кои купувачите ги имаа кон CVT менувачот и начинот на кој се испорачува моќноста од моторот, а истовремено нудат врвна економичност. Кога на сето тоа ќе ги додадеме одличниот јапонски дизајн, комфорната кабина и врвната завршна обработка, доаѓаме до реализацијата дека ова е навистина комплетно решение. И како такво, комплетно решение, Lexus ES300h е навистина полн погодок.

Видео

Спецификации

Модел: Lexus ES300h Luxury
Мотор: 2.5-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри + електромотор
Моќност: 215 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 221 Nm / 3600 – 5200 вртежи во минута
Менувач: Автоматски безстепен CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 8.1 секундa
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4975 mm
Ширина: 1865 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1445 mm
Тежина: 1680 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2870 mm
Багажен Простор: 473 литри
Потрошувачка: 7 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Lexus ES300h Executive – 49.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Lexus ES300h Luxury – 57.500 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.