ТУРБО ТЕСТ: Ford Focus 1.5 EcoBoost Vignale – Премиум страната на Focus – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТУРБО ТЕСТ: Ford Focus 1.5 EcoBoost Vignale – Премиум страната на Focus

Меѓу неколкуте изведби во кои се нуди новиот Ford Focus се наоѓа и луксузната изведба со ознаката Vignale – прочитајте повеќе за пристапот на Ford кон луксузот во овој сегмент.

Дали еден Ford Focus може и треба да биде премиум? Нашиот одговор е – зошто да не. Како што купувачите (полека но сигурно) ја напуштаат идејата дека луксузот се изедначува со големината на возилото и ги разбираат вистинските вредности на еден премиум автомобил. Тие вредности се квалитетни материјали, врвна завршна обработка, одлична рафинираност и врвни технологии – и токму тоа го нуди Ford Focus Vignale.

Focus Vignale визуелно се издвојува од своите браќа – иако разликите не се преголеми

Визуелните разлики во однос на регуларниот Focus не се преголеми – изменета е предната решетка која сега има детали во V-облик, додадена е хромирана лајсна на долниот дел на предниот браник, хромирана е рамката околу прозорците и „дотеран“ е задниот браник. Секако, добиваме и алуминиумски фелни кои се ексклузивни за Vignale изведбата и неколку соодветни значки – но надворешните измени завршуваат тука.

Она што дизајнерите на Ford го направиле е „баш како што треба“ – истакнати се модерните линии на Focus, а притоа е посветено повеќе внимание на зрелите детали.

Кабината е местото каде Focus Vignale блеска

Но онаму каде Focus Vignale навистина се издвојува од другите верзии е во кабината – веднаш се забележуваат пофините материјали. Седиштата се особено комфорни, а и привлечни на изглед. Всушност, сè е некако… Едно скалило погоре, како што и треба да биде.

Поврзано:   Популарната Ford Puma доби фејслифт

Ни се допадна и декоративниот елемент од дрво, кое иако подобро би одговарало кај некој поголем автомобил, сепак сосем културно „си легнува“ со остатокот од ентериерот. Инаку – ова е Focus кој веќе добро го познаваме, и кој за прв пат го возевме во Франција оваа година. Кабината е комфорна, пространа и практична – има мал милион места за одлагање ситници, а чувството на просторност само до дополнува „кружната“ рачка на автоматскиот менувач и електричната рачна кочница.

Сите технологии и „играчки“…

Секако, бидејќи се работи за Vignale, ги добивате сите технологии кои Ford ги нуди – пред возачот е поставен дисплеј со разбирливи инструменти, како и мал дигитален дисплеј на кој се покажуваат главните информации околу возењето. На централната конзола е поставена најновата генерација на SYNC мултимедијалниот уред, а ќе ги добиете и сите технологии за активна и пасивна безбедност – систем за автоматско сопирање, систем за следење на коловозната лента, и уште многу, многу повеќе.

А кога веќе зборуваме за опременоста – покрај автоматскиот менувач, добивате и двозонски клима уред, можност за Bluetooth поврзување, сензори и камера за паркирање, LED предни светла, големи тркала, загревање на управувачот, загревање на седиштата, и… Листата нема крај. Ако опремата е дел од премиум приказната – тука воопшто немаме забелешка.

EcoBoost со 150 коњски сили!

Focus Vignale кој ние го возевме беше опремен со 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец, кој како што веќе напоменавме ја пренесува силата кон предните тркала преку 8-брзински автоматски менувач. Турбо-бензинецот испорачува 150 коњски сили при 6000 вртежи во минута и сосем задоволителни 240 Nm вртежен момент од само 1600 вртежи во минута. Преведено во перформанси, 1330 килограми тешкиот хечбек забрзува „до стотка“ за 8.9 секунди и постигнува максимални 208 километри на час. Потрошувачката – ако сте внимателни – во градски услови е некаде околу 10 литри бензин на 100 изминати километри.

Комбинацијата од „најзрелата“ верзија на Ford Focus и 1.5-литарскиот EcoBoost се наметнува како навистина интересна – звучната изолација е беспрекорна и возењето во Focus Vignale е лесно и мирно. Дури и на повисоки брзини нема нагласена бучавост во кабината, а мораме да напоменеме дека не е изгубено ниту на динамичноста.

Поврзано:   Ford ја претстави третата генерација Transit Connect

Да, Focus Vignale е позрел, но во ниту еден момент не е здодевен – тука е онаа препознатлива нишка на забава која по која Focus е препознатлив.

Заклучокот е дека Focus Vignale нуди нешто повеќе!

Сега веќе можеме со уште повеќе самодоверба да го одговориме на прашањето  – дали Focus може и треба да биде премиум? Да, секако. Комбинацијата од созреан дизајн, поквалитетни материјали и подобра завршна обработка, како и навистина комфорен ентериер го прави Focus Vignale да биде сериозен кандидат за оние кои сакаат динамичен, но сепак не преголем автомобил кој може да понуди нешто повеќе.

Спецификации

  • Мотор: 1.5-литарски EcoBoost турбо-бензинец, 3 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 6000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 240 Nm / 1600 вртежи во минута
  • Менувач: Автоматски, 8 брзини
  • Максимална брзина: 208 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.9 секунди
  • Должина: 4378 mm
  • Ширина: 1979 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1454 mm
  • Тежина: 1330 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2700 mm
  • Багажен простор: 375 литри
  • Потрошувачка: 9.8 литри бензин на 100 изминати километри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Ford Focus 1.5 EcoBoost Vignale A8 – 33.000 Евра

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.