Жирито кое го одбира Европскиот Автомобил на Годината ја објави листата на финалисти и… Сите се електрични!
Жирито ги објави седумте финалисти за Европски Автомобил на Годината. И токму листата на финалисти сугерира сè позабрзана трансформација кон една нова реалност – електричната мобилност.
Како тоа? Па сите седум финалисти кои годинава ќе се борат за титулата се електрични! По азбучен ред, финалисти се BMW iX3, Cupra Raval, Hyundai Ioniq 3, Kia EV2, Renault Twingo, Volkswagen ID. Polo и Volvo EX60. Од жирито кажуваат дека и многу други модели заслужувале да се најдат на листата на финалисти, но дека ова се одбраните модели кои ќе одат во финалето.
Некои од финалистите веќе добро ги познаваме. Пред неколку месеци го возевме електричниот BMW iX3, а неодамна и електричната KIA EV2. Двата модели се дијаметрално спротивни – едниот се натпреварува во премиум сегментот, додека другиот се бори меѓу помалите, подостапни електрични автомобили, но и двата модели покажуваат дека електричната мобилност е веќе достапна во сите категории и соодветна за повеќето потреби.
Во меѓувреме, во Македонија пристигна и новото, електрично Renault Twingo. За жал, сè уште не пристигнало на тест, но се надеваме дека наскоро ќе пристигне. Ги очекуваме и другите модели да пристигнат, но за жал немаме точни информации кога би биле достапни во Македонија.
Од друга страна, изненадува одлуката на европското жири да не вклучи ниту еден кинески автомобил во финалистите. Зошто и како… Само тие си знаат.






