Во салонот на Renault пристигна целосно-новото електрично Twingo E-Tech, но и ретро-фраерскиот Renault 4 E-Tech!
Со нескриена радост можеме да објавиме дека новото Renault Twingo E-Tech пристигна во Македонија, а со него пристигна и новиот, но исто така ретро-фраерски Renault 4 E-Tech.
Twingo е поставено на AmpR Small платформата на Renault (која веќе се користи за Renault 4, Renault 5 и новата Nissan Micra), но со една многу важна разлика – наместо голема (и скапа) батерија, Twingo E-Tech добива мала LFP батерија со капацитет од 27.5 kWh – што пак директно придонесува кон пониската цена и всушност се концентрира на урбаниот карактер на Twingo.
Од Renault кажуваат дека батеријата ќе овозможи автономија (според WLTP, секако) до 262 километри во урбани услови.
Во предниот дел на Twingo E-Tech е поставен електромотор кој испорачува 82 коњски сили и 175 Nm вртежен момент. Но вистинската магија на Twingo секогаш била во кабината, односно изненадувачкиот простор кој францускиот автомобил го нудел со оглед на димензиите.
И повторно е така – Twingo е долг 3790 милиметри, но има меѓуоскино растојание од 2490 милиметри и од Renault тврдат дека нуди сосем доволно простор – и навистина, на прв контакт делува како да просторност како конкуренти кои се една класа поголеми.
Истовремено, пристигна и Renault 4. Моделот кој беше претставен уште пред повеќе од една година пристигна и кај нас, и со себе носи шарм, ретро-инспириран дизајн и едноставно – зрачи со ретро-фраерскиот карактер. И веднаш се препознава дизајнот на стариот Renault 4 – дизајнерите навистина се потрудиле да евоцираат спомени на стариот автомобил, а сето тоа почнува со кружните предни светла и препознатливата предна маска.
Формата е карактеристична за компактен кросовер, но повторно препознаваме форми и облици кои асоцираат на „Четворката“. Особено ни се допаѓаат задните светла кои преку модерна интерпретација ги пренесуваат старошколските троделни задни светла.
Renault 4 се нуди со две различни батерии – едната со капацитет од 40 kWh, другата со капацитет од 52 kWh. Од Renault ветуваат автономија од околу 400 километри со поголемата батерија, односно 300 километри со помалата. Полнењето е со максимална моќност од 150 kW, што пак значи полнење од 15 до 80% за околу половина час.































