Smart конечно ја крена завесата од сериската верзија на новиот #2, и тоа на многу оргинален начин – со нацртани ѕидни мурали на повеќе локации низ светот.
По неколкуте најави, концептот претставен во Пекинг и тест-прототипите забележани на патиштата, сега можеме да го видиме конечниот изглед на најмалиот електричен Smart, кој официјалната премиера ќе ја има на Саемот за автомобили во Париз во октомври.

Новиот Smart #2 останува верен на идејата што го направи препознатлив брендот – двосед наменет првенствено за градско возење. Иако дизајнот е значително помодерен, силуетата веднаш потсетува на легендарниот ForTwo, со исклучително кратки препусти, речиси вертикална каросерија и тркалата поставени во самите агли за максимално искористување на просторот.
Најголем дел од впечатливите стилски решенија од концептот преживеале и на серискиот модел. Тука се карактеристичните LED светлосни групи, контрастниот покрив, препознатливата Tridion безбедносна рамка и чистите, минималистички линии, иако некои детали се поедноставени за сериско производство. Наместо екстравагантните концептни елементи, производната верзија добива поконвенционални браници, ретровизори и тркала.
Под модерната каросерија се наоѓа новата Electric Compact Architecture (ECA), развиена специјално за компактни електрични модели. Smart најавува батерија со капацитет од 35.7 kWh, која треба да обезбеди околу 300 километри WLTP автономија, додека брзото DC полнење овозможува полнење од 10 до 80 проценти за помалку од 20 минути.

Со должината од само 2.792 милиметри и кругот на вртење од само 6.95 метри, новиот #2 ќе биде еден од најагилните модели во урбани услови. Токму ваквите димензии се главниот адут на новиот Smart, кој повторно ќе се позиционира како идеално решение за тесните европски градски улици и ограничениот простор за паркирање.
Интересно е што, иако Smart последните години се ориентираше кон значително поголеми модели како #1, #3, #5 и новиот #6, токму #2 претставува симболично враќање кон идентитетот со кој брендот стана светски познат. Дизајнот повторно е дело на Mercedes-Benz Global Design, додека техничката платформа и инженерскиот развој се реализирани во соработка со Geely.
Продажбата на новиот Smart #2 е планирана да започне во текот на 2027 година, а Европа ќе биде еден од неговите најважни пазари. Доколку серискиот модел ги исполни ветувањата за практичност, автономија и конкурентна цена, Smart би можел повторно да стане еден од главните играчи во сегментот на компактните градски електрични автомобили.














