Smart ги најавува големите промени со новиот Concept #1 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Smart ги најавува големите промени со новиот Concept #1

Smart Concept #1 го претставува почетокот на радикалните промени кај производителот на мали градски автомобили, кој сега е дел и од Кинеската групација Geely.

Компактниот кросовер е прикажан во речиси сериска форма и е првото целосно електрично возило на Smart откако објавија дека ги напуштаат моторите со внатрешно согорување во 2019. Тоа е истата година кога Daimler и Geely ја објавија својата соработка.

Идните модели на Smart ќе бидат развиени од Geely во Кина, но истовремено дизајнирани од Mercedes, кои создадоа нов дизајнерски јазик, сличен на нивните возила за Concept #1.

Со должина од 4,29, ширина од 1.91 и висина од 1.69 метри, малиот кросовер е малку пократок, поширок и повисок од Mercedes EQA. Сепак, сличностите тука завршуваат, бидејќи под површината се целосно различни.

Идните возила на Smart ќе бидат создадени на платформа развиена од Geely, која најверојатно ќе се најде и во некои претстојни модели на Volvo.

Чистиот дизајн е уреден со тенки и широки светлосни групи кои се задебелуваат кон краевите, слично како кај задните светла на Mercedes EQS. Секако, светлечките графики се различни, па така тука имаме нови флуидни светлечки ефекти.

Покривот има различна боја од каросеријата и е визуелно одделен од неа со стаклените површини. Тука е и затворена предна решетка на предниот браник, пластични „теренски“ додатоци на браниците, праговите и страничните крила, во кои се сместени големите 21-инчни тркала.

За полесен пристап кон внатрешноста е отстранет Б-столбот, а задните врати се отвараат наназад. Големиот панорамски кров ја осветлува кабината, кај која доминира лебдечка централна конзола што се слева со инструмент таблата. Тука е сместен 12.8-инчен мултимедијален екран, кој лебди над останатите елементи.

Иако изложениот концепт располага со четири седишта, серискиот автомобил ќе има простор за пет, како и место за нозете како автомобилите од класата погоре.

Кросоверот би требало да пристигне во сериска форма до 2023 во Европа.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.