ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави електричниот EQA! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-Benz го претстави електричниот EQA!

Mercedes-Benz тукушто го претстави новиот електричен компактен кросовер кој го доби името EQA.

Новиот електричен кросовер – погодувате – во однос на димензиите е сличен со другите модели базирани на А-класата. Според она кое го кажуваат од Mercedes-Benz, EQA ќе биде „вовед“ во електричните EQ модели на брендот. Првата варијанта која ќе биде понудена е EQA 250 со 190 коњски сили и 375 Nm вртежен момент, која благодарение на батерија со капацитет од 66.5 kWh се очекува да може да помине околу 425 километри според WLTP мерењата. Понатаму ќе бидат понудени и други варијанти, како и врвен модел со 268 коњски сили кој ќе може да помине преку 500 километри со едно полнење на батериите.

Инаку, дизајнот влече инспирација од две насоки – секако, ги препознаваме деталите кои „потекнуваат“ од семејството на А-класа модели, но тука се и препознатливите EQ дизајнерски елементи. Од Mercedes-Benz кажуваат дека „основата“ е GLA, но дека многу детали се изменети и редизајнирани за EQA да добие засебен идентитет – како на пример предните и задните светла, затворената предна маска и слично. Коефициентот на отпор на воздухот од само 0.28 е одличен за ваков вид на автомобил.

Кабината е скоро идентична со онаа кај GLA, но повторно – забележуваме многу уникатни детали. Од Mercedes-Benz ги извојуваат декоративните елементи, перфорираните кожни седишта, како и дигиталните инструменти со специфична графика наменета за електричните модели на брендот.

Купувачите ќе добијат стандардни LED светла, 18-инчни тркала, електрична врата од багажниот простор, напредно амбиентално осветлување, сензори и камери, и многу, многу повеќе. Ќе биде достапен во Electric Art и AMG Line изведби, а нарачките ќе бидат отворени насокоро.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.