full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Renault Megane E-Tech Electric e целосно-електричен и пристигнува следната година!

На IAA саемот на автомобили во Минхен, Renault го претстави новиот Megane E-Tech – кој ветува дека ќе може да помине до 470 километри со полни батерии.

Новиот електричен автомобил на Renault е поставен на CMF-EV платформата и е првиот нов модел на францускиот бренд кој го носи новото лого на брендот. Автомобилот е долг 4.2 метри, широк 1.78 метри и висок 1.50 метри, но има прилично долго меѓуоскино растојание од 2.7 метри. Забележуваме темелно-модернизирана интерпретација на дизајнерскиот јазик на Renault – со тенки светлосни елементи, чисти површини и флуидни линии. Сè на сè – Megane E-Tech изгледа современо, модерно и препознатливо.

Megane E-Tech ќе може да се добие со еден од два електромотори. Едниот е со моќност од 130 коњски сили и 250 Nm, додека другиот, помоќниот е со 218 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Помоќната верзија забрзува до 100 километри на час за 7.4 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 160 километри на час. Достапни ќе бидат две различни батерии – едната е со капацитет од 40 kWh, втората е со капацитет од 60 kWh. Првата обезбедува автономија до 299 километри, додека втората може да понуди до 470 километри.

Во кабината препознаваме нов OpenR пристап кој Renault веќе го претстави кај некои од своите концепти. Пред возачот е поставен 12.3-инчен панел со инструменти, а на централната конзола вертикално е поставен уште еден, 12-инчен екран наменет за мултимедијалните функции. Системот користи брз Qualcomm Snapdragon процесор со Android Automotive оперативен систем. Megane E-Tech добива и еден куп системи за безбедност и асистенција кои се поделени во три категории – Возење, Паркирање и Безбедност.

Поврзано:   R5 Turbo 3 е модерна реинкарнација на Renault 5 Turbo Homologation Special

Секако, како и другите електрични возила, и Megane E-Tech успева да биде помал од своите конвенционални браќа и сестри, но притоа да понуди повеќе простор во кабината. Багажникот е со капацитет од 440 литри, со дополнителни 22 литри за складирање на каблите. Megane E-Tech ќе се произведува во фабриката на Renault во Франција, а ќе пристигне на пазарот во Март следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.