Mission R концептот на Porsche комбинира врвни технологии и одржливи материјали со вистинска страст за тркањето.
Porsche секогаш биле сериозни кога станувало збор за трките. Токму затоа е развиен и новиот Mission R – за да покаже каква ќе биде иднината на трките, дури и кога електричните автомобили ќе преовладуваат на патиштата.
Тркачкиот Mission R има батериски модул со капацитет од околу 80 kWh, кој добива напреден систем за контролирање на темепературата. Со овој систем, целосно е намален ефектот на „derating“, односно намалување на моќноста која можат да ја испорачаат батериите. Во Race Mode, Mission R испорачува константни 680 коњски сили, а во таканаречениот Qualifying Mode, испорачува дури 1088 коњски сили.
На предната оска е поставен електромотор кој испорачува до 435 коњски сили, додека оној на задната оска испорачува до 653 коњски сили. Благодарение на 900-волтната технологија и Porsche Turbo Charging системот за брзо полнење, само 15 минути полнење се доволни за батеријата да се наполни од 5 до 80 проценти, а полнењето може да биде до максимални 340 kW! Сето ова овозможува максимална брзина од над 300 километри на час, а дури и при максимално оптеретување, Mission R овозможува повеќе од 30 минути тркање.
Тркачкиот Mission R добива и нова итерација на Porsche Active Aerodynamics системот за активно насочување на воздухот, како и Drag Reduction System на предниот дел и на задното крило. Интересно е дека Porsche се фокусира на одржливоста и на намалување на CO2 емисиите и кај каросеријата, која е делумно направена од Natural Fibre Reinforced Plastic (NFRP) – каде основните материјали се добиваат од ленено семе. Овој материјал се користи за предниот спојлер, дифузерот и страничните прагови, а во кабината се користи за панелите на вратите, задниот дел од кабината и седиштето.
Кога сме кај кабината – таму работите се очигледно фокусирани на возачот. Дисплејот е поставен меѓу контролите на управувачот, а на екранот над управувачкиот столб е се прикажуваат слики од страничните камери и централната камера. На дисплеј на десната страна од седиштето се прикажуваат биометриските податоци за возачот, а камерите во кабината можат да се користат за пренос во живо преку интернет.
Интересно е дека возачкиот модул може да се користи и како eSports симулатор. Инженерите на Porsche новата структура ја нарекуваат „егзоскелет“, бидејќи комбинира заштитен кафез и надворешни панели. Вниманието го привлекуваат и димензиите – Mission R е долг 4326 милиметри – односно е пократок од тековниот Taycan, а истовремено е значително поширок (1990 милиметри) и понизок (1190 милиметри) од Cayman.
Со оглед на тоа дека Mission E и Mission E Cross Turismo се трансформираа во Taycan и Taycan Cross Turismo, не се сомневаме дека Mission R ќе се трансформира во сериски-достапен електричен тркачки автомобил.
Oliver Blume: “All-electric, high-performance and efficient – this is the new Mission R.” https://t.co/LwbAFDd8vj #PorscheIAA2021 @IAAmobility pic.twitter.com/fbvUxEDOgV
— Porsche Newsroom (@PorscheNewsroom) September 6, 2021