Повеќе од две децении по премиерата на оригиналниот Gallardo, неговиот дизајнер се враќа со модерна интерпретација која носи карбонска каросерија, атмосферски V10 и мануелен менувач!
Lamborghini Gallardo е еден од најважните модели во историјата на италијанскиот производител, а сега добива нов живот благодарение на CAVËN Atelier и Фабрицио Џуџаро, човекот кој го создаде неговиот оригинален дизајн во 1998 година.

Новиот Hommage 26 е модерна интерпретација на легендарниот супер-автомобил, која го задржува препознатливиот карактер на Gallardo, но носи современи технологии, материјали и неколку интересни дизајнерски решенија.
Најголемите промени се забележуваат кај каросеријата, каде речиси сите панели се нови и изработени од карбонски влакна. Предниот дел добива редизајнирани светла кои визуелно се поврзуваат со отворите за воздух, додека задниот дел носи модерни LED светла, два активни спојлери и две издувни цевки поставени над дифузерот.
Дополнително, тука се и новите 20-инчни тркала кои одлично се вклопуваат во агресивниот дизајн на италијанскиот супер-автомобил.

Но најинтересното се крие под каросеријата. Hommage 26 го задржува атмосферскиот V10, кој сега е достапен во две верзии со 540 и 560 коњски сили. А уште подобро е тоа што моќноста се пренесува преку шестстепен мануелен менувач! Да, три педали и атмосферски V10. Вистинска реткост во денешницата!
Механичките подобрувања вклучуваат и ревидирана суспензија со можност за прилагодување, како и подобрен сопирачки систем.
Кабината останува верна на оригиналниот Gallardo, но добива нови материјали како Alcantara на контролната табла и интересни хексагонални детали на вратите. Посебно ни се допаѓа можноста за отворање на задното стакло, кое овозможува уште подобро да се слуша прекрасниот звук на атмосферскиот V10.

CAVËN Atelier ќе произведе само 25 примероци од Hommage 26, а цената започнува од вртоглави 900.000 евра. И тоа без оригиналниот Gallardo кој купувачот треба да го обезбеди!
Hommage 26 е првиот модел од новата Designer Series на CAVËN Atelier, во која оригиналните дизајнери ќе добијат можност повторно да ги интерпретираат своите креации од 90-тите и почетокот на 2000-тите.













