Познати кандидатите за Европски Автомобил на Годината за 2016 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Познати кандидатите за Европски Автомобил на Годината за 2016

Објавена е официјалната листа на кандидати кои ќе се борат за престижното признание за Европски Автомобил на Годината!

Комисијата која го одбира победникот ја објави финалната листа на кандидати, и вкупно седум автомобили се потенцијални добитници на круната. Неодамна беше објавена поширока листа која вклучуваше дури 40 автомобили, но таа листа беше намалена на само седум возила.

Моментален Европски Автомобил на Годината е Volkswagen Passat, додека во 2014 титулата му припадна на Peugeot 308. Автомобилите кои ќе се борат за титулата оваа година се:

  • Audi A4
    Новиот премиум седан на Audi ја дели MLBevo платформата со големиот Q7 и ветува многу новитети и напредни технологии. Ние викендов го поминавме токму со новиот А4, па наскоро очекувајте ги нашите импресии.
  • BMW 7 Series
    Големиот знаменосец на баварскиот производител секогаш бил пример за врвна динамика и беспрекорен луксуз. Иако не сме имале можност да ја повозиме, сигурни сме дека Серијата 7 би ја оправдала довербата на жирито.
  • Jaguar XE
    Новиот седан на Jaguar се впушта во борба со докажаните и исклучителни германски конкуренти. Ние наскоро ќе го возиме новиот XE и ќе ги пренесеме и нашите импресии.
  • Mazda MX-5
    Малиот роудстер на Mazda е фаворит меѓу автомобилските ентузијасти – комбинацијата на одлична динамика, забавни мотори и можност за уживање под отворено небо се покажува како успешна. Новата Mazda MX-5 треба да пристигне во Македонија на почетокот на следната година и ние со нетрпение чекаме да седнеме зад воланот!
  • Opel Astra
    Новата Astra носи новитети кои досега не беа достапни во класата. Македонската премиера на новата Astra се одржа минатата седмица, а ние очекуваме наскоро да имаме можност подобро да го запознаеме хечбекот од Риселхајм.
  • Skoda Superb
    Знаменосецот на Skoda е вистински фаворит меѓу оние кои ги ценат рационалните квалитети кај автомобилите. Големиот, практичен и комфорен автомобил ни остави одлични импресии кога неодамна го возевме!
  • Volvo XC90
    Шведскиот производител во моментов ја ужива својата ренесанса – а предводник на таа ренесанса е токму големиот XC90 – големиот и луксузен SUV кој комфорно и самоуверено стои рамо до рамо со директните конкуренти!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.