ТЕСТ: Škoda Superb 2.0 TDI Ambition – Кога името совршено одговара.. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Superb 2.0 TDI Ambition – Кога името совршено одговара..

Знаменосецот на Škoda е еден од најважните нови автомобили оваа година, а ние први имавме можност да седнеме зад воланот на големиот чешки седан и добро да се запознаеме со неговите квалитети!

Третата генерација на Superb е вистинско созревање на моделот. Првиот Superb се појави во далечната 2001-ва година и беше Volkswagen Passat со заменети значки. Втората генерација почна да го наметнува концептот за исклучително практичен седан со многу опрема по прифатлива цена, за таа идеја конечно вистински да созрее со третата генерација која веќе сериозно се наметнува како амбициозен натпреварувач во класата.

skoda-superb-carclub-side

Големиот седан на Škoda е замислен и дизајниран да понуди простор и рафинираност на голема лимузина со значително поскапа значка, но сето тоа да го оствари по значително поприфатлива цена. Конкурентите на новиот Superb доаѓаат од Европа и од далечниот исток, па овој пат предизвикот е навистина голем.

Соочувањето со тој предизвик започнува длабоко под кожата. Како и Octavia, и Superb е базиран на одличната модуларна MQB платформа на Volkswagen групацијата, а со тоа доаѓа можноста за многу различни конфигурации на мотори и менувачи, но и значително олеснување од 75 килограми во однос на претходникот. Superb може да се нарача со еден од многуте бензински или дизел мотори, со погон само на предните или на сите четири тркала, и со мануелен или DSG менувач со двојна спојка. За да ви биде јасно колку се сериозни луѓето од Škoda – имајте во предвид дека истата MQB платформа ја користи и новиот Passat – автомобилот кој минатата година беше прогласен за Европски Автомобил на Годината!

Острите линии го издвојуваат Superb од конкурентите

skoda-superb-carclub-sidefront

При првиот контакт со новиот Superb се забележува огромниот напредок кој е постигнат кај дизајнот. Ако првиот Superb беше Passat со сменета значка, а вториот малку конзервативен (и не во сечии очи привлечен) седан, тогаш новиот е вистински чекор напред за брендот. Острите линии и големите мазни површини му даваат на новиот Superb нишка на модерност која го издвојува од конурентите и го прави забележлив на улиците.

skoda-superb-carclub-siderear

Погледот го задржуваат големите светлосни групи и широката маска на ладилникот, а истата дизајнерска насока го окружува целиот автомобил и завршува со привлечните LED светлосни групи на задниот дел. Особено ни се допадна секундарната карактерна линија на долната половина на вратите, а единственото кое ние би го посакале се еден број поголеми фелни (17-инчните фелни на нашиот тестен модел изгледаат малку мали, со оглед на големината на автомобилот).

Кога станува збор за комфорот и просторноста – Superb е глава и рамења над конкурентите!

skoda-superb-carclub-interior-front

Кога ќе ја отворите широката возачка врата ќе ве пречека комфорен и простран ентериер. Обрнете малку повеќе внимание на деталите и ќе забележите дека материјалите и обработката се на ниво погоре од досега. Секако, мора да се испочитува хиерархијата на брендовите на Volkswagen, но во реалноста Superb скоро во ништо не каска зад својот германски брат. Користените материјали се меки и пријатни на допир, а ќе препознаете и многу прекинувачи кои се директно преземени од Passat. Завршната обработка е одлична, а широките можности за прилагодување на управувачот и седиштата ќе ви овозможат да најдете комфорна и прегледна возачка позиција. Седењето е малку повисоко од некои други модели во класата, но на сметка на тоа прегледноста е одлична.

Поврзано:   ТЕСТ: Škoda Enyaq Coupé 85 Sportline - Добро-позната, но сосем поинаква Škoda!

skoda-superb-carclub-interior-rear

Она каде Superb е глава и рамења над останатите е просторноста – а тоа најдобро се манифестира на задната клупа. Всушност, на задната клупа има толку многу простор, што дури малку ни е тешко да објасниме колку. Да речеме вака – новиот Superb нуди повеќе простор од некои автомобили кои не само што се класа поголеми, туку припаѓаат во премиум сегментот и чинат најмалку двојно повеќе – и тоа со значително помалку опрема.

Новиот Superb е во својот вистински елемент на отворен пат. Возачот и совозачот ќе уживаат во комфорните предни седишта, но вистинската приказна е на задните. Дури и кога на предните седишта седат повисоки луѓе (или пак „легнуваат“, како што сака да вози нашиот фотограф), на задните седишта има повеќе од доволно простор дури и за тројца патници, нивните колена и нивните глави. Суспензијата е ориентирана кон комфор, па патувањето е мирно и опуштено – и од искуство можеме да ви кажеме, одлично се „дремнува“ на задната клупа!

skoda-superb-carclub-interior-boot

Кога зборуваме за патување, мора да зборуваме и за багажниот простор. Новиот Superb е вистински рекордер – нуди дури 625 литри багажен простор кој е достапен преку практична 5-та врата. Петтата врата е особено значајна бидејќи го прави внесувањето и на поголеми предмети лесно, а со спуштање на задната клупа на располагање стануваат достапни дури 1760 литри багажен простор! Секако, бидејќи е Škoda – има и многу практични детали – како што се отворите за чадори во вратите, магнетизираната батериска лампа во багажниот простор, стругалката за мраз скриена кај полначот за гориво и многу други ситници. Низ целиот ентериер има и многу места за одлагање ситници кои дополнително ја зголемуваат практичноста, а на задната клупа има и голем централен наслон кој се покажа како одличен додаток при подолго патување.

Поврзано:   Škoda го најавува малиот електричен Epiq - пристигнува следната година, ќе чини од 25.000 Евра!

Со оглед на големината на Superb (автомобилот е долг 4861 милиметар, широк 2031 милиметар со страничните ретровизори и висок 1468 милиметри), маневрирањето во град е прилично лесно, но сепак работата значително ја олеснуваат паркинг сензорите. Всушност, добивме информација дека не може да се добие Superb без паркинг сензори – детал кој ние го поздравуваме, но сепак би отишле чекор понатаму и би нарачале паркинг камера. Оние кои веќе возат голем автомобил нема да имаат проблеми, но оние кои се навикнати на помал автомобил ќе имаат одреден период на „учење“ на големиот Superb. Единствената замерка што ја имаме е дека Superb стандардно доаѓа без бришач на задното стакло, но може да се нарача како дополнителна опрема.

Меката суспензија е одлично погодена за швајцарското сирење кое ние го нарекуваме македонски патишта

skoda-superb-carclub-sidefront2

Новиот Superb е очигледно ориентиран повеќе кон комфор наместо кон спортско управување. Суспензијата е мека и автомобилот е одлично погоден за швајцарското сирење кое ние го нарекуваме македонски патишта. Сите нерамнини скоро идеално се впиваат, а во ентериерот скоро и да не се пренесуваат несовршеностите и вибрациите. Покрај меката суспензија, тука улога имаат и „месестите“ пневматици, но комбинацијата се покажа како идеална. Сè додека го гледате Superb како она што навистина е – голем и комфорен автомобил, нема да се разочарате. Звучната изолација е одлична и при повисоки брзини – и во ентериерот нема голема разлика дали ја надминувате дозволената брзина на автопат за 30 или за 50 километри на час.

skoda-superb-carclub-siderear2

Тестниот Superb дојде во најверојатно најважната конфигурација достапна на македонскиот пазар – 2-литарски турбодизел и средно ниво на опрема. Добро-познатиот 2-литарски TDI на Volkswagen групацијата и тука се покажува како тивок, моќен и економичен сопатник. Турбодизелскиот мотор нуди 150 коњски сили од 3500 до 4000 вртежи во минута, но уште поважно – нуди 340 Nm вртежен момент од 1750 до 3000 вртежи во минута. Ова го прави еластичен и лесен за возење, а перформансите кои ги нуди воопшто не се за потценување – забрзувањето на 1410 килограми тешката лимузина до 100 километри на час трае 8.8 секунди, додека максималната брзина е 218 километри на час. За време на неколкудневното тестирање за време на кое поминавме повеќе од 500 километри во различни услови на возење измеривме просечна потрошувачка од 6.5 литри на 100 изминати километри.

Оние кои имаат предрасуди – нека го запознаат Superb подобро!

skoda-superb-carclub-regata

Второто ниво на опрема – наречено Ambition – значи Bi-Xenon предни светла со вртење во свиоци, LED дневни светла, задни LED светслни групи, автоматски три-зонски клима уред со засебни контроли за задната клупа, 6.5-инчен мултимедијален уред со 8-звучници, гласовни команди и MirrorLink, можност за Bluetooth, AUX, SD и USB поврзување, греење на предните седишта, ролетни на задните странични стакла, автоматски ретровизори, 7 воздушни перничиња, грст системи за активна и пасивна безбедност, електрика на сите прозорци, менувач и управувач обложени со кожа и уште многу друго. Дополнително, нашиот тестен модел дојде со 17-инчни фелни, систем за навигација, адаптивен радарски темпомат и уште некои други детали.

Поврзано:   Македонска премиера на освежените Škoda Scala и Kamiq

skoda-superb-carclub-euroncap

Потврда за безбедноста на новиот Superb се и 5-те ѕвездички освоени на EuroNCAP тестирањата. Како што веќе напоменавме – Superb доаѓа со грст воздушни перничиња, но дел од стандардната опрема се и цела лепеза на безбедносни системи, како што се ABS, EBD, ESP, систем за паметно кочење и уште неколку други системи кои во некои ситуации можат да направат вистинска разлика.

Škoda има вистински победник во своите раце. Комбинацијата од просторност, практичност, богата опрема и прифатлива цена го издига Superb кон врвот во класата. Секако, постојат оние кои имаат свои предрасуди кон значката и кои само заради неа би го заобиколиле, но на тие можеме само да им препорачаме да ги остават стереотипите на страна и да го запознаат Superb – автомобил кој едноставно, навистина си го заслужува името!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 340 Nm / 1750 – 3000 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 218 км/час
  • Забрзување 0-100: 8.8 секунди
  • Должина: 4861 mm
  • Ширина: 2031 mm (со странични ретровизори)
  • Висина: 1468 mm
  • Тежина: 1410 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2841 mm
  • Багажен простор: 625 литри
  • Потрошувачка: 6.5 литри на 100 километри (измерена, просечна)
  • Цена на тестираниот модел: Škoda Superb 2.0 TDI 150 Ambition – 27.200 Евра
    Повеќе информации: Skoda.com.mk

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.