full screen background image
Search

ТЕСТ: Volvo XC90 D5 Inscription – Шведски премиум челик!

Новиот Volvo XC90 е вистинско освежување – како за Volvo, така и за сегментот во кој ќе се бори со веќе докажани и популарни конкуренти. Ние први имавме можност да седнеме зад воланот на новиот премиум шведски SUV!

Првата генерација на XC90 беше воедно и првиот вистински SUV на шведскиот производител. Не може да се зборува за новиот XC90 без барем малку да се напомене неговиот претходник и успехот кој го постигна. Првиот XC90 се произведуваше цели 12 години (од 2002 па се до 2014-та година) и се продаде во повеќе од 630.000 примероци – и постави нови стандарди во класата, особено кога зборуваме за практичноста и безбедноста!

Со оглед на успехот кој го постигна првата генерација, лојалните фанови на брендот кои очекуваа успешната приказна да продолжи, но и новопронајдената храброст која брендот ја откри од кога се ослободи од прангите на корпоративните сопственици, Volvo се впушти во посериозна борба со популарните (воглавно) Германски ривали. Инженерите и дизајнерите на Volvo едноставно не можеа да си дозволат да потфрлат во ниту еден сегмент од дизајнирањето и конструирањето на новиот XC90. Она што денес го имаме пред нас е резултат од сиот вложен труд – и на прв поглед, импресиите се.. Импресивни!

XC90 со својот дизајн пренесува аура на достоинство, резервираност и тивка гордост.

volvo-xc90-carclub-side

При првото соочување со новиот Volvo XC90, станува очигледно дека фотографиите не можат лесно да ја доловат големината на овој автомобил. Новиот XC90 е голем. Навистина голем. Автомобилот е долг 4950 милиметри, широк 2008 милиметри и висок 1776 милиметри и има меѓуоскино растојание од скоро три метри! Она што е уште поимпресивно е достоинството со кое XC90 зрачи. Ако некои од ривалите се агресивни (и дури малку вулгарни), XC90 со својот дизајн пренесува аура на достоинство, резервираност и тивка гордост. Ова е она што еден SUV треба да биде!

volvo-xc90-carclub-rear

Поставен на големи, 21-инчни тркала и обоен во привлечна црна боја, новиот XC90 го карактеризираат чисти и остри линии а фановите на Volvo ќе ги препознаат и карактеристичните „рамења“ на брендот кои и тука се еден од носечките детали. Чистите линии го исцртуваат целиот автомобил и станува јасно дека нема потреба од излишни детали и разно-разни трикови кои само симулираат луксуз. На предната страна доминира отворот за воздух, но уште позабележливи се предните светлосни групи изработени со LED технологија чии LED дневни светла се во формата на чеканот на нордискиот бог на молњата – Тор!

Во ентериерот преовладува чувство на светлина и комфор.

volvo-xc90-carclub-interior1

Приказната за модерниот минимализам продолжува и во ентериерот. Кога ќе ја отворите широката возачка врата ќе ве пречека ентериер кој истовремено зрачи со модерноста, но и со привлечноста да го искусите. Лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција – но со оглед на габаритот – сензорите и камерата за паркирање се опрема која не смеете да ја заобиколите. Прегледноста е повеќе од задоволителна, а во ентериерот преовладува чувство на светлина и комфор – каде огромна улога играат големите стаклени површини и огромниот панорамски покрив. Инструментите се јасни и лесни за користење, а иако централната конзола на почеток изгледа малку комплицирано, сепак големиот екран се покажа како интуитивен и лесно се навикнавме на него.

Поврзано:   Volvo Cars Македонија: Volvo Cars не повлекува автомобили од пазарот

volvo-xc90-carclub-interior2

Седиштата се одлично дефинирани и профилирани, и нудат одлична поддршка од сите страни. Перфорираната кожа е мека, но ние би избрале малку потемна нијанса на која нема толку лесно у брзо да се препознаваат знаците на секојдневно користење, ниту пак нема толку лесно да се валкаат (интересен детал – клучот е обложен со кожа со истата боја во која е обложен ентериерот). Сепак, сите површини во ентериерот се обложени со мека гумирана пластика, дрво или кожа, а некои детали едноставно го задржуваат вниманието и привлекуваат со својата различност. Како и од надвор, и во ентериерот XC90 потенцира доза на рафинираност и воздржаност која некои од конкурентите одамна ја немаат. Секоја чест!

volvo-xc90-carclub-interior5

Под поклопецот на моторот се крие 2-литарски турбодизел кој испорачува 225 коњски сили.

Го стартуваме моторот – и 2-литарскиот турбодизел изненадува со својата рафинираност. Да, добро прочитавте – под поклопецот на моторот се крие 2-литарски турбодизел кој испорачува 225 коњски сили. Бидејќи новиот XC90 е во голем дел изработен од алуминиум и како резултат на тоа е релативно лесен (тежи само 2025 килограми – одлично за класата), Volvo одлучи во него да стави помали, четири-цилиндрични мотори кои се доволно моќни да ја придвижуваат каросеријата, а истовремено нудат соодветни перформанси и ниска потрошувачка.

Дволитарскиот турбодизел во нашиот тестен модел испорачува 225 коњски сили при 4250 вртежи во минута и 470 Nm вртежен момент од 1750 до 2500 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач, а да стигне „до стотка“ му се потребни само 7.8 секунди. Максималната брзина изнесува 220 километри на час, а според официјалните податоци во градски услови троши под 7 литри дизел гориво на 100 километри. Ние не успеавме да измериме толку ниска потрошувачка – ние измеривме нешто над 10 литри во градски услови – бројка која сепак е одлична со оглед на големината и видот на автомобилот.

XC90 наметнува еден порелаксиран стил на возење.

volvo-xc90-carclub-frontside

Кога сте во движење, XC90 едноставно наметнува еден порелаксиран стил на возење. Нема потреба од нагло забрзување и кочење, ниту пак некакви екстравагантни маневри. Едноставно, ставете го автоматскиот менувач во Drive и уживајте во комфорот кој XC90 го нуди. Иако нашиот XC90 носеше големи, 21-инчни тркала, возењето е комфорно и не можевме да забележиме некакво посериозно пренесување на вибрации во ентериерот. Оние кои сакаат уште повеќе комфор можат да нарачаат еден-два броја помали тркала, или пак воздушна суспензија.

Поврзано:   Volvo Cars Македонија: Volvo Cars не повлекува автомобили од пазарот

Она што е импресивно е динамичноста со која располага XC90 – големиот шведски SUV подготвено реагира на сите команди кои ќе ги добие, и со леснотија ја менува насоката на движење без преголемо навалување во свиоци – во контекст на класата, секако. Во ентериерот е идеално тивко и мирно, а сликата ја дополнува феноменалниот (и најверојатно многу скап) Bowers & Wilkins аудио уред кој прави дури и обичното радио да звучи одлично. Нашиот тестен модел дојде со 7 седишта, а во зависност од конфигурацијата на седиштата можете да имате 670 литри багажен простор – можеби и најмногу во класата!

volvo-xc90-carclub-interior3

Vision 2020 стратегијата на Volvo која налага дека до 2020-тата година никој нема да загине или сериозно да биде повреден во модерен Volvo автомобил!

Секако, Volvo не би бил Volvo доколку не го направи својот знаменосец меѓу најбезбедните автомобили во светот – и токму тоа и се случи. Благодарение на многуте системи за активна и пасивна безбедност, Volvo XC90 доби максимални 5 звездички на EuroNCAP стандардизираните тестови за безбедност и го освои максималниот број на поени кои EuroNCAP ги дава – автомобилот е навистина толку безбеден. Ова оди во согласност со Vision 2020 стратегијата на Volvo која налага дека до 2020-тата година никој нема да загине или сериозно да биде повреден во модерен Volvo автомобил!

volvo-xc90-euroncap

Бидејќи зборувавме за безбедноста, можеме да зборуваме за опремата – и во нашиот случај, полесно би било да зборуваме за тоа што на автомобилот му недостасуваше наместо за тоа што сè имаше во него. Сепак, од опремата – вреди да се споменат одличните LED предни светла, мултимедијалниот уред со Bluetooth, навигација и мал милион други ситници, одличниот Bowers & Wilkins аудио систем кој веќе го спомнавме, многуте сензори, паркинг камерата и безбедносните системи, комфорните кожни седишта, големиот панорамски покрив и уште многу, многу, многу други детали кои секако одат во прилог на премиум аспирациите кои Volvo на голема врата ги донесе во сегментот.

Прекрасно е да се види што еден иновативен производител може да постигне кога ја има слободата да го прави она што сака, знае и умее.

volvo-xc90-carclub-exterior

Заклучокот кој некако самиот по себе се наметнува е дека Volvo не само што ги исполни очекувањата на многумина, туку и комфорно ги надмина. Безбедноста, комфорот, управливоста и практичноста повторно се на највисокото можно ниво, а животниот стил и мирното возење кое XC90 ги преферира се вистинско освежување кога конкуренцијата како да претерува со агресивноста. Прекрасно е да се види што еден иновативен производител може да постигне кога ја има слободата (и потребните финансии) да го прави она што сака, знае и умее. Швеѓаните, очигледно го направиле токму тоа!

  • Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
  • Моќност: 225 коњски сили / 4250 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 470 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 220 км/час
  • Забрзување 0-100: 7.8 секунди
  • Должина: 4950 mm
  • Ширина: 2008 mm / 2140 mm со странични ретровизори
  • Висина: 1776 mm
  • Тежина: 2025 kg
  • Меѓуоскино растојание: 2984 mm
  • Багажен простор: 670 – 1886 литри
  • Потрошувачка: 10.3 литри (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Volvo XC90 D5 Inscription – 118.000 Евра
    Повеќе информации: Volvo.mk
Поврзано:   Официјално отворен новиот салон на Volvo Cars Македонија

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.