full screen background image
Search

Официјално: Новиот Jaguar XE спортски седан!

По долготрајното најавување, Jaguar конечно го претстави својот нов спортски седан кој ќе биде директна конкуренција на BMW 3 и Mercedes-Benz C-Class веќе од првата половина на следната година!

Jaguar театрално го претстави новиот автомобил во Earls Court во Лондон, минатата вечер, а светската премиера е официјално закажана за Саемот на Автомобили во Париз, во Октомври. По тоа што можеме да го видиме на сликите се работи за елегантен седан со класични пропорции, малку заоблена линија на кровот, но со многу модерни детали. Дизајност во целост потсетува на поголемиот брат на XЕ – веќе добро познатиот XF – но тоа не е критика. Нам ни изгледа одлично, иако можеби малку конзервативно.

„Нашата мисија беше да направиме возбудлив и динамичен дизајн кој јасно го отсликува XE како сериозен автомобил наменет за возачите“ – изјави главниот за дизајн на Jaguar, Ian Callum – „кабината која е поставена поназад и динамичното пакување успеваат во тоа и му даваат на XE слика на движење дури и кога стои во место. Има силна фамилијарна сличност со F-Type и се издвојува во гужвата.“

Внатрешноста навистина потсетува на онаа од F-Type – особено главните инструменти. Како што веќе пишувавме, кај XE дебитира и новиот InControl мултимедијален систем со 8-инчен екран осетлив на допир.

Ова е првиот Jaguar кој е изграден на целосно нова, модуларна архитектура и алуминиум е користен во скоро 75% од структурата. Одлуката да се користи алуминиум го издвојува XE од конкуренцијата, која сега за сега сè уште користи челик во конструкцијата. И делови од екстериерот се изработени од алуминиум – поклопецот на моторот, кровот, предниот и задниот браник, како и вратите. Ова е најлесниот, најцврстиот и најаеродинамичниот (Cd 0.26) седан кој Jaguarго направил до сега. Моделот XE S кој носи V6 мотор тежи 1475 килограми. Автомобилот е долг 4672 милиметри, широк е 1850 милиметри а висок е 1416 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2835 милиметри.

Поврзано:   Во салонот на Jaguar Land Rover пристигна спектакуларниот, 450-коњски F-Type!

Jaguar ќе нуди и нови Ingenium мотори, а првиот од оваа серија ќе биде 2-литарскиот турбодизел кој ветува потрошувачка од само 3.8 литри на 100 километри, и екстремно ниска емисија на CO2 од само 99 грама на 100 к илометри. Моторот испорачува 161 коњска сила и 349 Nm вртежен момент. Вториот мотор кој е веќе најавен е 3-литарскиот компресорски V6 кој веќе се вградува во F-Type и кој испорачува 355 коњски сили. Со овој мотор забрзувањето до 100 километри на час трае 4.9 секунди а максималната брзина е 250 километри на час. Силата се пренесува на задните тркала, но се очекува Jaguar да понуди и погон на сите четири тркала. Ќе се нуди 8-степен автоматски менувач и 6-степен мануелен менувач.

Продажбата ќе започне следниот Мај, а цената во Обединетото Кралство се очекува да започнува од 27.000 фунти, односно околу 33.000 евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.